БИТКАТА Е ДОБИЕНА, ВОЈНАТА УШТЕ НЕ

БИТКАТА Е ДОБИЕНА, ВОЈНАТА УШТЕ НЕ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Melius non incipient, quam desinunt – Подобро да не се почнува, отколку да се застане на половина пат

Покрај огромните долгови, раскараниот и осиромашен народ како и лесно раскрчмениот углед на државата, демонтажата на довчерашната власт остава зад себе многу значајни датуми кои еден ден ќе влезат во учебниците по историја. 31 мај 2017 година е само еден од нив.

Но како ќе го памтиме овој датум? Како крај на едно безумие или како почеток на нова ера? Или, барем засега, како почеток на нова надеж? По примерот на чашата која е до половина полна а не празна, почетокот на неизвесната иднина би била оптимистичката варијанта. Меѓутоа, во случајов, последниот мајски ден од тековната година има двојно значење: крај на владеењето на злосторничкото здружување на централно ниво и почеток на работењето на новата Влада. Која освен што ќе биде реформска, ќе треба да го врати и животот во Македонија. И тоа не само заради изборниот слоган на победничката коалиција, туку и затоа што после вртоглавиот пад на стандардот на граѓаните и нивното масовно иселување од државата кое поприма размери на евакуација од поголеми размери, тоа, едноставно, е врвен државен приоритет.

Детронизирањето на Грујо и друштвото е само првата фаза од посакуваната цел на новата власт: целосно разобличување и развластување на групацијата која повеќе од една деценија ја имаше заробено државата и киднапирано најголемата, сега веќе, опозициска партија. За да се случи тоа ќе треба уште време, многу желба и посветена работа. И при тоа секогаш треба да се има на ум дека Заев и граѓаните ја добија само првата битка, но војната сѐ уште не.

Најлошата услуга која СДСМ и коалицијата можат да си ја направат и себеси а богами и нам, на граѓаните на оваа држава, е да го потценат противникот. Оти после сѐ што се случуваше во изминатата деценија, треба да им биде и повеќе од јасно дека имаат работа со луѓе кои не бираат средства за остварување на замислената цел. Со оглед на тоа што овој пат целта им е да ја зачувуваат сопствената кожа и да се спасат од соочување со правдата, сосема е извесно оти нивната бескрупулозност и бруталност ќе добива на интензитет. Дека ќе ја искористат и најмалата можност која им стои на располагање за да го фатат последниот воз за опстанок на политичката сцена.

Не за џабе погоре го споменав “абдицирањето“ на ДПМНЕ од централната власт, од причина што тие и натаму под контрола ги имаат поголемиот дел од локалните самоуправи, што истовремено ја подразбира и контролата врз локалните јавни претпријатија. Зошто го потенцирам тоа? Затоа што наесен нѐ очекуваат исклучително значајни локални избори кои или на подолг рок ќе ја зајакнат позицијата на Заев и СДСМ, или пак во случај на нивни пораз одново ќе ја искомплицираат политичката ситуација што ќе доведе до нови предвремени парламентарни избори.

За да се спречи таквото непосакувано сценарио, разобличувањето на тешките финансиски дубиози и манипулирањето со јавната администрација која Грујо ја има на список како гласачка машинерија, е една од задачите која штотуку избраната власт мора час поскоро да ја спроведе на дело. Не е никаква тајна дека локалните самоуправи во спрега со јавните претпријатија се легло на корупцијата и криминалот. Меѓутоа во ситуација кога власта на располагање ги има инспекциските служби и Државниот завод за ревизија, не постои дилема оти нивниот професионален ангажман во насока на “чешлање“ на материјалното и финансиското работење на општините, ќе значи скратување на можноста за фалсификување на изборната волја на гласачите. Што е, разбирливо, картата на која Груевци ќе стават сѐ што имаат.

Она, пак, што ќе им претходи на локалните избори а што според најавите на челниците на социјалдемократите треба да се случи во текот на овој месец, се изборите за нови раководства на Општинските организации. Од причина што, генерално, тие беа “најслабата алка“ во партиската структура, внатрепартиските избори се одлична можност социјалдемократите да ги зајакнат своите капацитети и да изберат локални лидери кои во октомври ќе ја извојуваат клучната победа со што Грујо и фамилијата ќе ги испратат на буништето на историјата.

Ама за оваа тема, многу повеќе во следната колумна…

Автор:

Чеге Вара                             Прилеп, ебаго!…….(152) 

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …