Првпат после 33 години, ЈП „Комуналец“- Битола набави и стави во функција ново возило за работа на депонијата „Мегленци“.
Градежната машина булдожер за работа на депонија, која чини 7.646.400,00 денари, е од голем бенефит за успешно работење на депонијата, како и навремено интервенирање во одредени ситуации. Како на пример пожарите при кои во минатиот период, поради застарената механизација, процесот на интервенирање беше значително отежнат.
„Денес имаме работна посета во депонијата „Мегленци“, да го видиме она што е направено од страна на ЈП „Комуналец“. На мое задоволство, заштедата која што ја направија со своето домаќинско работење изминатата година, овозможи да набават ново возило, кое што е во функија на работата на депонијата“, изјави градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
На овој начин, со користењето на ова возило со многу добри перформанси, кое веќе успешно работи на терен, се намалуваат трошоците за сервисирање, се избегнува застој во работата, а се постигнува ефикасност и економичност во работењето.
„Минатата година, сведоци сме, имаше еден голем пожар. Сите тие искуства нам ни наметнаа како раководство да размислуваме за подобрување на состојбите со инвестирање во механизација во депонијата „Мегленци“. Од тие причини, ние се одлучивме да набавиме булдожер и тоа нов, така што, после 33 години, првпат на депонија Мегленци се набавува нова механизација, со која значително ќе се подобрат можностите за поредовно насипување на отпадот и на тој начин да се намалат можностите од создавање на нови пожари од поголеми размери. Јавното претпријатие успеа да набави едно вакво возило со плаќање во готово, што е навистина реткост, што значи со самото плаќање во готово добивме една нова заштеда од 22 000 евра. После првата минатогодишна инвестиција во подигнување на платите на вработените во ЈП „Комуналец“, кои беа подигнати за 8,3 %, ние рековме во договор со работниците дека оваа година ќе инвестираме во механизација. Оваа ни е прва набавка, а веќе се подготвуваме за нова набавка, а до крајот на летото се надевам дека преку проектот „Симбиоза“, ќе биде набавено и донесено и новото возило за подигнување на отпад“, изјави директорот на ЈП Комуналец, Панде Богоевски.
Директорот на јавното претпријатие најави дека и во следниот период продолжуваат инвестициите насочени кон подобрување на состојбите со депонијата „Мегленци“.