Битола и Епинал одбележуваат 50 години од збратимувањето

Градоначалникот на францускиот град Епинал, кој е збратимен со Битола веќе 50 години, во знак на почит на досегашната соработка, разбирање и пријателство, на Општина Битола и подари кошница за пчели, при тоа објаснувајќи ја симболиката на овој подарок.

„Познато  е дека има драстично намалување на биодиверзитетот на нашата планета и ние се бориме за зачувување на овој биодиверзитет. Всушност,  пчелите се исклучително значајни за биодиверзитетот, затоа што без нив и без улиштата исчезнува биодиверзитетот. Во Епинал веќе 15 години не се користат пестициди во парковите, а со тоа се покажа дека пчелите во урбаните улишта произведуваат повеќе мед од пчелите кои се наоѓаат надвор од градот. Тоа е доказ дека кога не се користата пестицидите, производсвото на мед е многу поголемо. Со овој подарок ние симблично ја означуваме нашата определба да се бориме за зачувување на биодиверзитетот. Во рамките на одбележувањто на 50 години од збратимувањето на Битола и Епинал, подаруваме едно урбано улиште на Општина Битола“, рече градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнриш.

Градоначалничката Наташа Петровска се заблагодари за подарокот и пред се на вниманието упатено од градоначалник, кој веќе 21 година раководи со градот Епинал.

„Симболиката на улиштето што го добиваме како подарок од градоначалникот на Епинал, е нешто што ќе не потсетува на потребата од нашата одговорност за грижа кон животната средина воопшто, ќе не потсетува на Епинал, градот кој што исклучително ни значи. Но, за мене има и дополнителна симболика, а тоа е она што го гледаме кај пчелите, нивната трудољубивост и заедништво што треба да биде одлика и на човештвото, тоа треба да биде одлика на сите нас каде и да се наоѓаме во светот. Токму затоа е симбол повеќе за нашето пријателство , за кое сум сигурна дека и во иднина ќе продолжи вака топло да се негува“, посочи Петровска.

Во рамките на денешните активности по повод 50 годишнината од збратимувањето на Битола и Епинал, градоначалниците засадија Дрво на пријателството во катчето на Епинал, во централното градско подрачје, во присуство на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние и на поранешната амбасадорка Лоренс Оер.

„Една садница повеќе во нашиот град, меѓутоа, не обична садница, туку садница која го одбележува пријателството со нашиот збратимен град Епинал, на местото каде што е претставена постоечката населба во Епинал, која што го носи името Битола. Ова катче и нас битолчани треба да не потсетува на тоа дека имаме топли релации и врски со градот Епинал. Ова е симболична садница, која што во иднина, со својот раст, ќе ја потврдува соработката со нашата пријателска држава Франција и на идните генерации ќе им покажува дека треба да се движат во таа насока“, истакна Петровска.

„Многу сум чувствителен на овој гест, на засадувањето на ова заедничко дрво кое што го претставува зацврстувањето на односите помеѓу нашите два града“, рече градоначалникот на Епинал Мишел Хајнриш.

„Се надевам дека ова дрво ќе израсне и ќе го симболизира пријателството меѓу Епинал и Битола, но исто така им посакувам на младите од Битола да го изучуваат францускиот јазик и се надевам дека со новите перспективи ќе има размена и на економски план и со новиот напредок на земјата ќе имаме уште поголеми заеднички успеси“, рече амбасадорот Кристијан Тимоние.

По засадувањето на Дрвото на пријателството, високата делегација преку Широк сокак се упати во НУ „Завод и музеј“, на изложбата „100 години од Македонскиот фронт“, на која се обрати и францускиот амбасадор, а изложбата за отворена ја прогласи градоначалничката Петровска. До крајот на денот следуваат уште неколку активности во рамките на одбележувањето на 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …