Битола: „Комуналец“ и „Нискоградба“ земаат кредити „за секој случај“

Битола: „Комуналец“ и „Нискоградба“ земаат кредити „за секој случај“

До вчера како опозиција беа против задолжувања и реагираа бурно, а сега е „за доброто на градот“, обвини независната советничка Габриела Илиевска.

Пишува Анета Блажевска, Битола

Новата општинска власт, предводена од СДСМ, ги задолжува со кредити јавните претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“ со десетици милиони денари, обвинува битолската опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвраќаат дека задолжувањата се со цел претпријатијата да имаат расположливи средства на сметките, како и за да ги платат ратите за старите кредити.
На вчерашната седница на Советот на Општина Битола паднаа куп обвинувања на адреса на власта, која само по седум месеци од доаѓањето на власт подига кредити, а згора на тоа не ѝ понудила сеопфатна финансиска анализа на опозицијата за да може да процени дали кредитите се издржани.

За 20 милиони денари се задолжува ЈП „Комуналец“, додека „Нискоградба“ бара продолжување на можноста за земање нови средства во рамките на кредитот што го подигна претходното раководство.

– В.д. директорот на „Комуналец“, заедно со мнозинството советници, планира да го задолжи претпријатието за 20 милиони денари, пари што треба да ги враќаат граѓаните во наредните шест години. Сите тврдења на директорот дека парите му се потребни за реализирање на проектот „Симбиоза“ се само уште една од низата лаги. Овој проект е почнат во 2016 година од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и во финансискиот план беше предвидено да се рализира без ниту еден денар задолжување – обвини Иванчо Тошевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Тошевски потсети дека на истиот овој начин, власта на СДСМ во 2003 година го задолжи „Комуналец“ за еден милион евра, а во 2005 година го оставија претпријатието со вкупен долг од 1,6 милиони евра.

– Целиот долг беше вратен од претходното раководство. Сега, кога претпријатието е во одлична финансиска кондиција, се задолжува со нов кредит за понатамошно функционирање. Причината за кредитот е неспособноста на новото раководство, рече Тошевски, напоменувајќи дека токму кога вработените во „Комуналец“ се надевале на покачување на платите, стасало ново задолжување.

Независната советничка Габриела Илиевска кажа дека директорот на „Комуналец“ на комисии на Советот им објаснил дека претпријатието е во супер финансиска положба, меѓутоа му требаат пари „за секој случај“.

– Се чудам како ние што до вчера бевме опозиција и бевме толку многу против задолжувањето на јавните претпријатија и секогаш реагиравме бурно, сега тоа што го нарекувавме пљачка, треба да речеме дека е за доброто на градот – рече Илиевска.

Овие обвинувања следуваа откако советниците на СДСМ, на седницата на Советот побараа дополнување на дневниот ред со решение за давање согласност на одлуката за задолжување на „Комуналец“ во рамка лимит од Стопанска банка АД Битола, како и решение за давање согласност на „Нискоградба“ на одлуката за продолжување на рокот на важноста на договорот од 2013 година за одобрување на кредитна изложеност.

– „Комуналец“ е апликант за одредени проекти со кои треба да се осовремени и модернизира самото претпријатие. Убаво кажа директорот, пари на располагање претпријатието има, но не е сигурен дека во одреден момент нема да му притребаат дополнителни средства за да не дојде до вакуум период каде што нема да може да сервисира одредени потреби на претпријатието – рече Методија Илиевски, советник и координатор на советничката група на СДСМ.

Според Илиевски, „Нискоградба“ бара проширување на кредиот, бидејќи висока е ратата за исплата на веќе земениот кредит, а претпријатието не е во состојба да ја исплаќа поради тоа што го наследи претпријатието во лоша кондицијата од бившиот директор Кире Крстевски, за кој се подигнати дузина кривични пријави од Обвинителсвото и од полицијата во Битола.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …