Битола: Семафорите ќе добијат 24 часовна чуварска служба

Битола: Семафорите ќе добијат 24 часовна чуварска служба

За да се заштитиме како фирма, ќе мора да ангажираме чувари кои семафорите ќе ги чуваат 24 часа, зашто се сомневаме дека кражбата е извршена сред бел ден, велат од фирмата изведувач „Илинден“ од Струга.

Пишува Анета Блажевска, Битола

Чуварска служба дење и ноќе ќе ги чува мобилните семафори на обиколницата над Битола, со цел овој патен правец по година и пол да биде пуштен во сообраќај. Санацијата на свлечиштата на обиколницата е завршена, но таа никако да профункционира. Откако два дена, за време на викендот, сообраќајот на обиколницата се регулираше со семафори, во понеделникот некој ги украл светлосните уреди. Фирмата изведувач, „Илинден“ од Струга, побара да се пролонгира официјалното пуштање на обиколницата, сѐ додека не се набават нови семафори.

Зоран Илоски, технички директор на фирмата изведувач од Струга која работи на санирање на свлечиштата на обиколницата, за „Слобoден печат“ изјави дека често се соочуваат со вакви кражби. Станало практика крадците секоја недела да ги крадат акумулаторите од семафорите, но сега се земени цели семафори.

Тој потенцира дека штетата е голема зашто еден семафор чини повеќе од три илјади евра. За да се заштитат како фирма, ќе мора да ангажираат чувари кои семафорите ќе ги чуваат 24 часа, зашто се сомневаат дека кражбата е извршена сред бел ден.

– Страшна работа, ни ги украдоа двата семафора сред бел ден. Штетата е повеќе од седум илјади евра. Сега планираме повторно да поставиме семафори, но и постојано да има чувари, бидејќи обиколницата мора да се пушти за празниците во сообраќај и да се растовари сообраќајот во Битола – изјави Илоски.

Илоски вели дека случајот е пријавен во полиција од вработен во фирмата и е направен записник. Од „Илинден“ се сомневаат дека сторителите ќе бидат откриени, бидејќи, како што велат, кражба на семафори имале и при реконструкцијата на делницата Ресен – Буково, а досега крадците не се откриени.

Од битолската полиција велат дека немаат евидентирано ваков случај.

– Кај нас нема пријавено таков настан – потврди портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова.

Семафорите беа поставени во петокот и ставени во функција на обиколницата над Битола. По поставувањето и вклучувањето, според најавите од фирмата изведувач до 2 април се очекуваше да биде донесено и решението за пуштање во сообраќај на обиколницата над Битола, а со тоа и сообраќајот низ градските улици да се ослободи од тешките товарни возила кои само транзитираа низ Битола.

Илоски потврди дека потпорниот и ѕидот со габиони се направени, како и пристапниот пат до свлечиштето на ридот, со што се очекува да се реши проблемот со транспортот на земја од свлечиштето. Потоа Инспекторатот за патишта треба да го потпише решението и патот да се пушти во сообраќај.

Пуштањето на обиколницата е од особено значење и поради почнувањето на реконструкцијата на коловозот на влезот во Битола од страната на Прилеп.

Обиколницата е жешка тема на партиските ограноци од Битола

Според најавите, ќе се реконструира патот од „Лозар“ до Горно Оризари. Овој проект е дел од Програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Битола и Програмата за рехабилитација на регионални патишта на јавното претпријатие за државни патишта.

За време на градежните активности, сообраќајот ќе мора да се одвива според утврден режим од страна на изведувачот на работите.

– Со самото поставување на нови семафори, фирмата изведувач јавно ќе извести дека обиколницата е пуштена во употреба. Тоа е неопходно зашто ќе се врши реконструкција на влезот за Битола, од страната на Прилеп, па возилата ќе мора да се пренасочат низ обиколницата – ни изјави државниот инспектор за патишта Сашо Здравевски.
Овие денови ќе се знае дали повторното пролонгирање на пуштањето на обиколницата во сообраќај ќе се одрази врз предвидената реконструкција на патот од страната на Прилеп и дали тоа ќе ја одложи реконструкцијата на одредено време.

Состојбите со обиколницата се жешка тема на препукувања меѓу власта и опозицијата во градот. Таа беше затворена за сообраќај во јануари минатата година поради одрони на ридот и поради исфрлено ѓубре на обиколницата. Критиките тогаш беа насочени кон ексградоначалникот Владими Талески, но сега од тоа не е поштедена ниту актуелната градоначалничка Наташа Петровска.

Свлечиштата на ридот крај обиколницата се појавуваат од пред четири години, но тука исклучително голем проблем прават и жителите на ромската населба Баир, кои сметот го фрлаат буквално на коловозот и редовно го палат.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …