БИТОЛА: ЗАПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ SMART CUL TOUR

Со потпишувањето на договорите за реализација, започна имплементацијата на проектот SMART CUL TOUR кој се спроведува во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија – Република Албанија 2014-2020 и е кофинансиран од страна на Европската Унија во рамките на Вториот повик на Програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Албанија 2014-2020.

„Општина Битола е носител на овој проект, а тука е и Општина Пустец од Албанија, како и три партнери, а тоа се НУ Завод Музеј Битола, Регионалниот директорат за култура од Корча и МКЦ Битола. Проектот претставува интегриран туристички пакет, во висина од 704.00 евра. Од наша страна имаме имплементација на подобрување на инфраструктурата до влезот во локалитетот Хераклеа, целосно хортикултурно уредување пристапот, осветлувањето и партерното уредување, а дел од проектот е за уредување и во самиот локалитет. Во надворешниот дел висината на средствата е околу 280.000 евра, а во самиот локалитет, околу 180.00 евра“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

SMART CUL TOUR го поттикнува туризмот, го заштитува и промовира културното и природното наследство на целните региони со цел да овозможи избалансиран и одржлив социо-економски развој во прекуграничниот регион на Пелагонија и Корча.

„За прв пат работиме ваков проект, а на нашата страна, во Мала Преспа ќе се направи реконструкција на еден музеј посветен на нашиот писател-Македонец Стерјо Спасе, а во другиот дел ќе бидат опфатени работи со кои што располагаме како традиција во Мала Преспа. Нашиот дел е околу 123.000 евра и се надевам дека овој проект ќе биде многу успешен за развој и привлекување на туристите“, посочи градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски.

Во рамките на овој проект предвидени се низа на активности насочени кон развивање на потенцијалот на туризмот во прекуграничниот регион преку промовирање на културното наследство и вредности.

„Проектот треба да донесе подобрување на општата ситуација во локалитетот и подобрување на пристапната патека до самиот театар. Тука ќе биде поставен и надворешен лифт, така што луѓето со посебни потреби кои што досега не можеле да доаѓаат во локалитетот, ќе можат и да го погледнат и да присуствуваат на настаните кои се организираат тука“, истакна директорката на НУ Завод и Музеј, Мери Стојанова.

„Денес го потпишуваме договорот и започнуваме директно со работа и конкретни решенија на двете страни. За нас е важно да се реализира проектот во преубавото село Глобочани, место со прекрасна околина и можности за посета од страна на туристите за време на целата година“, истакна Ѓерѓи Коки од Регионалниот директорат за култура од Корча, Република Албанија.

„Убеден сум дека секое евро од оваа донација ќе биде правилно и прагматично искористено, а делот на МКЦ Битола кој што се однесува на промоција на активностите, но и на збогатување на туристичката понуда што ќе ја донесе овој проект, ќе треба да се реализира максимално и сигурен сум дека делот на туристичката понуда ќе биде видлив и ќе ги даде посакуваните резултати“, рече Сашо Додовски, извршен директор на МКЦ Битола.

Времетраењето на активностите во рамките на проектот SMART CUL TOUR изнесува 24 месеци.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …