Бившиот директор на „Нискоградба“ Битола осомничен за криминал од 250 илјади евра

Бившиот директор на „Нискоградба“ Битола осомничен за криминал од 250 илјади евра

Еден од најголемите соработници на ексградоначалникот Владимир Талески заработи куп кривични пријави од полицијата за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“. Советниците од власта, на седницата на Советот обелоденија дека Крстевски толерирал 800 илјади евра ненаплатени побарувања од граѓани и правни лица. Во 2013 година, претпријатието зело кредит од 30 милиони денари и ја покачило цената на услугите за канализација.

Пишува: Анета БлажевскаБившиот директор на „Нискоградба“ Битола осомничен за криминал од 250 илјади евра

Бившиот директор на јавното претпријатие „Нискоградба – Битола“, Кире Крстевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ и еден од најголемите соработници на ексградоначалникот Владимир Талески, заработи куп кривични пријави од полицијата за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Покрај Крстевски, осомничени за криминал се и неговите соработници, со кои го раководел претпријатието – помошник на директорот за технички работи  М.М. (59), раководител на сектор за правни работи В.П. (58) и референтот за техничка исправност на возилата и поранешен раководител С.Х. (55). Во периодот од 2013 до 2017 година пријавените ѝ нанеле штета на фирмата во вкупен износ од 15.052.731 денари, или речиси 250 илјади евра.

Според кривичните пријави, бившото раководство на јавното претпријатие работело спротивно на Законот за јавни набавки и направиле штета на претпријатието преку набавка на горива, канализациски цевки и други стоки…

За расипништвото на бившото раководство на „Нискоградба“ веднаш обвини новата власт со квалификација дека таму се вршел класичен грабеж.

Според полицијата, Крстевски во периодот 2016 и 2017 година, потпишал договори за јавни набавки на бензин и масло за греење – екстра лесно,  по предлог одлука од Комисијата за јавни набавки (второ, трето и четвртопријавениот), без притоа да биде побарана лиценца од надлежен орган за исполнување на посебните услови за извршување на дејноста, пропишани во Законот за енергетика и Законот за јавни набавки. Со тоа му овозможил на правно лице од Битола да се стекне со имотна корист од 5.892.700 денари без ДДВ. Потоа, во 2015 година не назначил лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договор со правно лице од Скопје за набавка на полиетиленски коригирани канализациски цевки. Во 2017 година потпишал договор во вредност од 7.500.000 денари со истото правно лице, иако знаел дека постигнатата конечна вредност по одржаната е-аукција била 547.415 ден. Со тоа овозможил правното лице од Скопје да се стекне со вкупна имотна корист од 7.091.710 денари, без ДДВ.

И во 2016 година Крстевски не назначил лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договор со правно лице од Скопје за набавка на канализациски цевки во вредност од 2.000.000 денари, а и без да потпише анекс-договор на основниот договор му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со 189.591 денари повеќе од потпишаната вредност. Бившиот директор на „Нискоградба“ дозволил да се набавуваат стоки кои не се во состав на техничките спецификации на договорите, со што му овозможил на правно лице од Битола да се стекне со имотна корист од 458.815 денари со ДДВ. Пропусти направил и при договорите за набавка на услуги – физичко и мониторинг обезбедување, со што му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со имотна корист од 1.419.915 денари, стои во кривичната пријава.

Пред неколку недели, полицијата поднесе кривични против Крстевски, откако побарал од финансовата служба во завршните сметки за 2013 и 2014 година да се внесат невистинити податоци за приходите на претпријатието, со цел да се прикаже добивка во работењето, по што со свој потпис и печат ги заверил како вистинити и ги употребил пред Советот на Општина Битола. Крстевски за време на неговото директорување одобрувал и големи трошоци за репрезентација.

Советниците од власта, на седницата на Советот обелоденија дека Крстевски толерирал огромна сума од 800 илјади евра ненаплатени побарувања од граѓани и правни лица. Наспроти ваквата практика, во 2013 година претпријатието зело рамковен кредит од 30 милиони денари и ја покачило цената на услугите за канализација.

Крстевски во 2017 година, три месеци пред локалните избори, повторно во рамките на истиот кредит, зел уште 14 милиони денари, за што тогашната опозиција во Советот не знаела.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …