Благодарници од градоначалникот Јованоски за компаниите кои покажаа општествена одговорност во време на пандемијата

За покажаната општествена одговорност и изработените и донирани 120.000 заштитни маски од почетокот на пандемијата на Ковид-19, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска им врачи благодарници на компаниите „Гифти Текс“, „Фешн Линк 76“ и „Стан Мк“.

„Сакам да им се заблагодарам на овие фирми, на нивните сопственици и на вработените и да им честитам за она што го направија, затоа што кога им беше најтешко на граѓаните и на локалната самоуправа, тие ни излегоа во пресрет. Ги изработија маските кои и тоа како им беа од корист на граѓаните за време на пандемијата и сигурен сум дека помогнаа во резултатот кој што го постигнаа здравствените работници од нашиот град, кои директно или индиректно беа вклучени во справувањето со пандемијата. Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и да им честитам за ова што, како општествено одговорни фирми, го направија за нашиот град“, изјави градоначалникот Јованоски.

Во име на трите компании, сопственикот на „Гифти Текс“, Горан Илијоски се заблагодари на укажаното внимание, но и на прифаќањето на иницијативата од страна на локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски. Илијоски рече дека иницијативата произлегла како резултат на пожртвуваноста на здравствените работници, кои храбро се вклучиле во справувањето со пандемијата иако коронавирусот беше голема непознаница за нив.

„Здружувајќи се трите компани, ‘Гифти Текс’, ‘Фешн Линк’ и ‘Стан Мк’, одлучивме преку производство на заштитни маски да се вклучиме и да помогнеме. За среќа, наидовме на поддршка од страна на Општината, особено од градоначалникот, кој веднаш ја прифати нашата иницијатива. Најдовме начин како да почнеме, а не беше лесно бидејќи се’ требаше да биде во законските рамки. Ако успеавме и едно лице да спасиме од заразување со вирусот, мислам дека сме успеале, а камоли пак ако сме заштитиле повеќе лица. Сакам да им се заблагодарам и на моите партнери, односно на сите вработени во трите фирми. Со оваа многу чесна, фер и благородна соработка продолжуваме и натаму“, истакна Илијоски.

Општина Прилеп и компаниите „Гифти Текс“, „Фешн Линк 76“ и „Стан Мк“, беа први во нашата држава кои почнаа со производство и бесплатно делење на заштитни маски за здравствените работници и граѓаните.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …