Иницијативата „Стоп за Усје“ започна осумчасовна блокада пред цементарницата „Усје“ во Скопје. Под името „Блокадафест“, активистите го блокираат главниот влез на фабриката до 23 часот, испраќајќи порака против аерозагадувањето и, како што велат, долгогодишната негрижа на институциите.
„Ова не е само блокада. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, порачуваат организаторите.
Музика, уметност и отпор: „Блокадафест“ како форма на протест
Блокадата е проследена со музички сетови и настапи на артисти кои, според организаторите, својот протест го искажуваат преку уметност и музика.
„Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, велат од „Стоп за Усје“.
Активистите нагласуваат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до компанијата „Титан Усје“, со порака дека здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Оваа блокада е само една од серијата акции што иницијативата ги организира во последниот период, насочени против загадувањето во Скопје, за чиешто зголемување главен причинител, според нив, е токму цементарницата.
Главни барања на активистите
Протестите следат по повеќе маршеви на граѓански активисти и еколошки организации, кои предупредуваат дека загадувањето во Скопје прераснува во сериозна здравствена закана, а реакцијата на институциите е „бавно и недоволно“.
Главните барања на активистите се итни инспекциски надзори врз индустриските капацитети, поголема транспарентност на мерењата и истрагите, јасна стратегија за намалување на индустриското и урбаното загадување и одговорност за институциите што не реагираат.
Во однос на обвинувањата, од компанијата „Титан Усје“ реагираа дека тие не се извор на моменталното загадување. Од таму посочија дека мерењата покажуваат ист квалитет на воздухот и во периоди кога фабриката не работи, што, според нив, укажува дека не се причина за состојбата со квалитетот на воздухот во Скопје. Компанијата додава дека поседува А‑интегрирана дозвола и дека е под 24‑часовен независен мониторинг на излезните гасови.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место