Министерството за дигитална трансформација достави нов налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за итно блокирање на дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со оваа најнова мерка, вкупниот број на блокирани платформи за нелегално коцкање во државата достигна 462.
АЕК има законски рок од пет дена да го проследи налогот до телекомуникациските оператори, кои се должни веднаш да го ограничат пристапот до овие сајтови. При обид за пристап, операторите мора да прикажат соодветно известување за причините за блокадата, кое вклучува и предупредување за законски казни во износ од 1.000 до 2.000 евра за граѓаните кои учествуваат во нелегални или странски игри на среќа на територијата на државата. Непостапувањето по овој налог претставува прекршување на законската обврска и ќе резултира со понатамошни правни постапки против самите оператори.
Овие континуирани активности се насочени кон сузбивање на нелегалните платформи и заштита на граѓаните во интернет-просторот од ризиците поврзани со кражба на лични и финансиски податоци. Институциите ставаат посебен акцент на заштитата на малолетниците од изложеност на онлајн коцкање, апелирајќи до родителите и старателите внимателно да ги следат дигиталните активности на своите деца и да разговараат со нив за опасностите. Воедно, се повикуваат сите граѓани да бидат внимателни и да не ги споделуваат своите финансиски податоци на непроверени локации.
Прочитајте повеќе актуелни настани во рубриката „Македонија“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место