Богојески: Катастрофа во здравството не се случува за 2 години, туку за 10, колку што го менаџираше ВМРО-ДПМНЕ

„Не е СДСМ виновникот за катастрофата во здравството. Назад, 10 години и повеќе, ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и го раководеше здравствениот систем на Македонија. Не може да се створи катастрофа за 2 години, туку за 10 години неквалитетно управување со него. Не може да се создаде специјалист за 2 години, туку за 6 и повеќе, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ имаше време не еден, туку 100 специјалисти да создаде“, изјави Драги Богојески, директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, одговарајќи на денешниот прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Прилеп.

Богојески потврди дека за време на директорувањето со болницата на актуелниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески било извршено реновирање на неколку одделенија од болницата, кое било прекинато откако, како што рече Богојески, снемало пари за кои не се знае каде завршиле.

Сето она што Ристески и неговите партиски колеги го направиле во болницата, вклучувајќи ја и опремата, е ништо во однос на набавената опрема во изминатата година и половина. Богојески го демантираше тврдењето на ОК на ВМРО-ДПМНЕ дека за време на нивното владеење на раководни позиции во болницата биле назначувани кадри од СДСМ. Директорот на прилепската болница рече дека за началници на одделенијата биле стриктно поставувани кадри на ВМРО-ДПМНЕ, освен онаму каде што немале нивни партиски членови, па биле принудени да именуваат доктори кои припаѓале на други политички партии.

Што се однесува до недостигот од специјалисти во болницата, Богојески изјави:

„Ние како раководство на болницата оценивме дека одреден број специјализации кои ни се најитни и најпотребни, треба да им ги дадеме на докторите кои беа вработени од ВМРО-ДПМНЕ, без разлика на тоа што се членови на таа партија. За разлика од нивното владеење, кога не им даваа специјализации на доктори од други партии, заради што голем број лекари од нашата болница заминаа во Германија. Не е важно од каде е докторот, дали од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку е важно дека ни требаат доктори и специјалисти“, потенцираше директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …