Во својата нова провокативна комична серија „Who is America? (Која е Америка?)“, британскиот комичар Саша Барон Коен ги прелажа контроверзниот американски конгресмен Дејна Рорабакер, неговиот колега Џо Вилсон, како и поранешните сенатор и конгресмен Трент Лот и Џо Волш, да дадат јавна поддршка за измислената програма „Киндергардианс“, со која наводно на децата во градинките во Израел од тригодишна до 16 годишна возраст им се дава оружје скриено во играчки или накитено со нив и се обучуваат да пукаат „како мерка за справување со растечкото оружено насилство“ и истата да се копира и во САД.

Во видеото што им го презентирал на прелажаните се претставува и пешадиско оружје и ракетни фрлачи „за млади“, кое наводно се користи во Израел.

Коен им пристапил на соговорниците претставувајќи се како „израелски антитерористички експерт“, полковник Еран Морад. Во новата серија, која почна да се емитува вo неделата на каналот „Шоутајм“, Коен глуми четири лика и прави сатира на политичкиот и културниот живот во САД во ерата на Доналд Трамп.

Во првата епизода негови жртви се конгресмените Рорабакер, познат по своите изјави за Голема Албанија и за поделба на Македонија, по коишто се извинуваше, и Џо Вилсон, поранешните сенатор и конгресмен Трент Лот и Џо Волш, од кои првиот сега е лобист, а вториот радио-водител, како и низа поборници на слободното носење оружје.

Претставувајќи се како „терминатор за терористи“ тој ги интервјуира соговорниците, и за разлика од младиот републикански конгресмен од Флорида, Мет Гец, кој вели дека работите не функционираат така што конгресмените веднаш даваат поддршка пред камера за нешто што првпат го слушнале, Рорабакер и Вилсон „како од пушка“ велат дека идејата е одлична.

Рорабакер, републиканскиот конгресмен од 17-от округ во Калифорнија познат и како „омилениот конгресмен на Путин“, во февруари минатата година ја разлути владата и македонската јавност со изјавата дека „Македонија не е држава“.

– Со ова ќе ги разлутам сите, но што ми е гајле. Македонија не е држава. Жал ми е, ама не е држава – рече Рорабакер во интервју за албанската телевизија „Визион Плус“.

Претседателот на подкомисијата за Европа, Евроазија и растечките закани на Долниот дом на Конгресот на САД, потоа рече дека Косоварите и Албанците во Македонија „треба да бидат дел од Косово“, а остатокот од Македонија „треба да биде дел од Бугарија или која било друга држава со која се поврзани“.

Откако јавноста реагираше бурно, Рорабакер „дообјаснуваше“ што сакал да каже, обидувајќи се да се извлече од ситуацијата.  Тој потоа во официјална изјава рече дека Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите.

„Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства. Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам“, рече Рорабакер неколку дена подоцна.

Саша Барон Коен се враќа со нов проект речиси една деценија по „Али Џи“, а најпознат е по неговиот филм за Борат од Казахстан во посета на САД.

Извор: МЕТА