Ако сака да покаже дека е политичка сила, Европската Унија мора да остане единствена и мора да дејствува, а не да чека за да реагира на одлуките на САД, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на шефови на дипломатии, на кои главни теми се состојбите во Украина и на Блискиот Исток и односите на блокот со САД.
„Ако не сте единствени не можете да покажете моќ. Ние не бевме единствени многу пати досега. Не можете да се преправате дека сте политичка сила ако ви требаат денови, недели и месеци за носење на некоја одлука за дејствување“, изјави Борел.
Тој нагласи дека негов апел до министрите за надворешни работи на ЕУ е да покажат единство во носењето одлуки, бидејќи Русија нема да запре со војната, ако тие размислуваат за тоа, туку треба да донесат одлука за поддршка на Украина.
„Секогаш кога ни требаше премногу време да донесеме одлука за поддршка на Украина, секогаш кога се двоумевме дали треба да направиме нешто или не, војната продолжуваше да се шири. Украинскиот народ има потреба од поголема поддршка. Мораме да ја обезбедиме таа поддршка, да престанеме да дискутираме и почнеме да дејствуваме побрзо“, рече Борел.
За телефонскиот разговор на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател Владимир Путин, Борел рече дека не знае за што разговарале.
„Сигурен сум дека тоа е во рамки на напорите за континуираната поддршка на Украина. Моја работа е да продолжам со поддршката за Украина и ништо друго освен тоа. Не ми пречи и не се грижам кој со кого разговара. Моја работа е да направам Советот за надворешни работи да ги следи одлуките што ги донесовме и што ги усвои Европскиот совет за поддршка на Украина за да можат Украинците да можат да пружат отпор“, рече Борел.
Запрашан дали тој лично би разговарал со Путин, Борел кусо одговори: „Мислам дека не“.
Тој додаде дека на повиците на мировни преговори, Путин одговара со зголемени напади со дронови врз комуникациската и цивилната инфраструктура во Украина, особено на електроенергетската, со што остава впечаток дека воопшто не сака да преговара.
Високиот претставник нагласи дека на заседанието на Советот ќе се разговара и за односите на ЕУ со САД, врз основа на новата „ситуација создадена“ по минатонеделните американски претседателски избори.
„Се соочуваме со сосема поинаков политички пејзаж. Европејците треба да бидат подготвени да дејствуваат, без да чекаат да реагираат на одлуките на САД“, порача Борел.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, Борел рече дека веќе се истрошени сите зборови што може да ги каже за случувањата во регионот, посочувајќи на податоците на ОН дека од почетокот на конфликтот во Газа се убиени околу 40 000 лица, од кои 70 отсто се жени и деца, при што најчести жртви се деца на возраст под девет години.
Извор: РСЕ