Борел- ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС

Борел- ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел повика на отстранување на барикадите и деескалација.

„ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север“, напиша шефот на европската дипломатија на Твитер.

„Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мирот мора да се врати. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнат ескалација“, напиша Борел.

Мисијата ЕУЛЕКС соопшти дека на 10 декември била фрлена шок-бомба врз нивната извидничка патрола во местото Рудар во Звечани, но дека нема повреден офицер, а не е причинета материјална штета. Барикади се поставени во Рудар, на местото познато меѓу локалното население како „на крстот“.

Од мисијата ЕУЛЕКС нагласуваат дека нападот врз нивните единици, како и врз полицајците на Косово е неприфатлив.

Амбасадорот на САД во Косово, Џефери Ховениер, го осуди нападот со шок бомба врз набљудувачката патрола на ЕУЛЕКС и побара одговорните да бидат казнети.

Во општините на северот на Косово, каде мнозинството се Срби, во текот на вчерашниот ден беа подигнати барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.

Косовската полиција соопшти дека постои сомневање дека Пантиќ учествувал во инцидентот од 6 декември кога беа демолирани просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица и Зубин Поток. Барикадите продолжија и денеска.

Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина е прогласен Ден на жалост, откако во поплавите и одронот на …