Замислете си земја што изгубила речиси еден од шест свои граѓани, односно околу 600 илјади лица, поради иселување во текот на само десет години. Земја што спровела само еден попис откако била опустошена од војна во 90-тите години, при што во 2013-та година биле изброени нешто повеќе од 3,5 милиони луѓе. Земја во која младите на возраст од 20 до 29 години заминуваат побрзо од која било друга група и каде што демографите предупредуваат од претстоен демографски колапс, бидејќи стапката на наталитет е пониска од стапката на морталитет од 2009 година до денес. Тоа е Босна и Херцеговина. Но, кога гласачите ќе излезат на гласачките места на 4 октомври за да ги изберат луѓето на најмоќните позиции како на државно, така и на ниво на ентитети, фокусот на изборната кампања нема да биде како да се запре масовното заминување на граѓаните од земјата, туку повторно и по којзнае кој пат кој е Србин, кој Бошњак, кој Хрват и кој кому наводно му се заканува. Самиот тој факт кажува повеќе за состојбата на босанската политика отколку што би можело кое било истражување на јавното мислење.
Компликуван изборен систем
По бруталната војна (1992–1995), Босна и Херцеговина остана поделена со Дејтонскиот мировен договор, компромис што го запре убивањето, но етничката припадност ја вгради во државната архитектура како трајно, а не како привремено решение. Три децении подоцна, архитектурате не е променета, а прогресот е замрзнат. Компликуваниот устав изготвен во Дејтон, резултираше со подеднакво компликуван изборен систем. Босна е поделена на два ентитета, Република Српска (со српско мнозинство) и Федерацијата на Босна и Херцеговина (со бошњачко и хрватско население), како и на областа Брчко. Земјата има вкупно 14 влади и парламенти на државно, ентитетско и кантонално ниво – премногу за толку мала земја. На 4 октомври гласачите ќе изберат ново претседателство на државно ниво, кое се состои од тројца членови.

Секоја од трите етнички групи избира свој претставник – Србин во Република Српска, Бошњак и Хрват избрани во Федерацијата Босна и Херцеговина. Покрај тоа гласачите ќе избираат нов претседател на Република Српска и пратеници за парламентите на државно и на ентитетско ниво, додека претседателот на Федерацијата и преостанатите парламентарни домови, се пополнуваат по гласањето врз основа на етнички квоти.
Гласање по етничка линија
БиХ денес функционира како мозаик од паралелни, етнички дефинирани структури на моќ, чија главна вештина е меѓусебното блокирање. И тоа не е грешка во дизајнот, туку самиот дизајн. „Многу граѓани ќе продолжат да гласаат за партии што го претставуваат нивниот народ, бидејќи политичките елити постојано создаваат чувство на закана и страв, претворајќи ги изборите во референдум за национален опстанок“, оценува за ДВ политикологот Младен Бубоњиќ. Ова е далеку од прашањата што го засегаат секојдневниот живот на гласачите, како високите цени и ниските плати и пензии, станови по недостижни цени, несигурни работни места, корупција, лоши јавни услуги и постојаното иселување на луѓето од земјата.
Исто сценарио, нови лица
Секоја анкета покажува дека гласачите не им веруваат на предизборните ветувања, а нивните одговори на анкетите главно се сведуваат на тоа дека „ништо не е сменето во последните 30 години“. Таа реченица можела да биде изречена пред една, па дури и пред две децении. И токму тоа е проблемот, дека босанската политика не случајно е заглавена, туку намерно бидејќи системот го наградува оној што ги одржува поделбите во живот, а го казнува секој што се обидува да направи суштинска промена.
Изборите во Босна никогаш не биле прашање на добивање подобри патишта или поевтина струја. Тие функционираат како чин на племенска одбрана, а сите засегнати го знаат и култивираат тоа. Истражувањата постојано покажуваат дека етничкиот идентитет останува најсилниот поединечен показател за тоа како луѓето гласаат, далеку надминувајќи го економскиот интерес. И оваа кампања ја доминираат идентитетска политика и институционална парализа, наместо каква било вистинска дебата за работни места или цени. Тоа значи дека гласачите го избираат стравот, бидејќи никој не им нуди вистинска алтернатива. „За жал, поради децении стара навика, етничките тензии продолжуваат да ги обединуваат граѓаните околу идеолошки и идентитетски прашања. Корупцијата, сиромаштијата и демографскиот колапс се вградени во политичките идентитети“, вели за ДВ аналитичарката Тања Топиќ.
Што всушност би сакале да биде решено
Но, ако од политичката сцена се излезе на улица, приоритетите на луѓето звучат исто како и во која било друга земја – тие сакаат работни места, плата што ги покрива сметките, дом по прифатлива цена, здравство што навистина функционира и власт што не краде. Луѓето ја посочуваат корупцијата како причина поради која реформите се блокирани уште пред да се довршат, а младите избираат да ја напуштат земјата наместо да гласаат. Вистинската битка се води околу идентитетот и воената историја, а не околу економските тешкотии. Емиграцијата најчесто се споменува како алармантна статистика, а ретко како проблем што некој навистина се обидува да го реши. „Босанскиот триаголник, во кој доминираат три етнички принципи, е погубен за сите граѓани на Босна. Ако не гласате по таа линија, ве етикетираат како предавник на сопствениот народ. Тоа е погубно за напредокот на земјата“, вели за ДВ Вехид Шехиќ, политички аналитичар од Тузла.
Пристапувањето кон ЕУ сè подалечна цел
БиХ има статус на земја-кандидат за членство во ЕУ од 2022 година. Во 2024 година доби зелено светло за отворање на пристапните преговори, но напредокот во пракса е речиси целосно запрен.
Независна анализа покажува дека според извештаите на самата ЕУ, оцената за подготвеноста на Босна паднала од 4,14 на 2,91 од можни десет за само една година, што претставува најголем пад меѓу сите земји-кандидати. Босна сè уште нема назначено главен преговарач за пристапните преговори со ЕУ, а од 113-те реформи неопходни за членство, ниту една не е имплементирана. За обичните граѓани, членството во ЕУ веќе не е горливо прашање. Тоа се претвори во уморна, прифатена вистина дека кога политичарите зборуваат за „европскиот пат“, тоа не е ништо повеќе од празни зборови на хартија.
Геополитички контекст
Изборите во БиХ, како и оние во Србија на 25 октомври, се одржуваат во време кога Западен Балкан повторно е на сцената на силно ривалство меѓу Русија, ЕУ и САД. Во такви околности политичките сили во БиХ веќе бараат сојузници во странство. Земјата во овие избори влегува како држава што три децении тапка во место, токму во моментот кога нејзината внатрешна парализа ја претвора во терен за туѓи геополитички игри. Во меѓувреме 600-те илјади лица кои веќе си заминаа во потрага по нормален живот, всушност веќе дадоа одговор на прашањето дали сметаат дека нешто наскоро ќе се промени.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место