Бремето на нашите фрустрации

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Историјата ја пишуваат победниците, кажале многумина гледајќи од аспект на политиката во глобалниот свет, од својата површна наобразба за одредени историски настани и појави, или пак со интенција да ја намалат нејзината значајност за човекот и улогата во развојот на општеството. Ако така гледаме на нештата, навистина се добива впечаток дека историјата е наука за војните меѓу државите и судири меѓу народите и дека нејзиното различно интерпретирање може да предизвика повторување на конфликтите, сеење омраза која ќе опстојува со векови и генерации.

А многумина кои ја испишале историјата на човештвото и придонеле тоа да стане едно глобално село, не биле „победници“ во времето во кое живееле, ниту пак биле разбрани од своите современици. Зарем Галилео Галилеј, Леонардо да Винчи, Александар Грахам Бел, Бетовен… биле сметани за победници во своето време? Зарем обичниот човек, кој во борбата за опстанок создавал разни алатки за да си го олесни животот и се осознавал себеси и својата околина, не бил победник?

Пишувајќи ја темава, немав намера да држам лекции од историја, затоа што и онака сегашниот концепт кој е промовиран во учебниците по историја и во јавноста преку медиумите е многу едностран, сувопарен, здодевен, контрадикторен и со голема доза на национализам и етноцентризам. Користејќи ја професионалната педагошка, историска и социолошка наобразба, сакам да укажам на важноста на историјата како наука и како наставен предмет во развојот на општеството и градењето здрави личности во него, но исто така и на опасноста од нејзиното неправилно интерпретирање, насочување и злоупотреба во политички или „патриотски“ цели. Особено во нашето општество, во кое минатото служи за собирање поени на избори и за вулгаризирање на меѓународните празници и намалување на нивните вредности и пораки кои ги упатуваат во сегашноста.

На пример, ние Први Мај – Меѓународниот ден на трудот го славиме како ден на скарата, заборавајќи на борбата за работничките права за кои ќе разговараме во работни денови, кога ќе испари алкохолот; Осми март, пак, го претворивме во празник на мајките, „задушница за жени“ во која тие меѓусебно разменуваат подароци, заборавајќи ја симболиката на овој меѓународен ден кој треба да потсети на борбата на жената за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Која, патем речено, сеуште трае…

Самото потекло на поимот историја, како расказ, иследување, испитување или познавање на минатото на човечките општества, ја дели истата етимологија на англискиот збор story, што значи приказна. А приказните секогаш имаат повеќе страни. Затоа повеќе одговара латинската поговорка дека историјата е учителка на животот. Животот на нашето секојдневие, во кое не сакајќи ја испишуваме историјата и сме одговорни за тоа како ќе ги воспитаме и насочиме нашите деца и во каква иднина ќе ги испратиме. Општеството го сочинуваат неговите индивидуи кои, секој на свој начин, даваат придонес за неговиот развој и како поединци, но и како припадници на различни групи. Овој развој е многу галопирачки и ние не можеме да го следиме во целост. Но затоа можеме да се прилагодиме на модерните текови и да ја развиваме воспитната компонента, можеме да го извлечеме најдоброто од себе и да им помогнеме на нашите деца да ја развиваат критичката мисла, градејќи сопствен став кој ќе биде поткрепен со аргументи, но истовремено и толерантен кон ставовите на другите.

Минатото на човекот не го сочинуваат само сувопарни податоци, години, настани. Тоа е многу комплициран процес, сплет на различни околности кој, за да се извлечат одредени заклучоци, треба да се разгледува од различни агли. И логично е тие заклучоци да не се совпаѓаат едни со други, но не заради различните настани, туку заради различните гледишта на современиците кон нив. Сервирањето готови податоци и интерпретации како апсолутна историска вистина не’ води кон пропаст како нација, предизвикува спорадично повторување на внатрешните и надворешните конфликти до недоглед и не’ оддалечува од глобалниот свет. Тоа не значи дека треба да се асимилираме и да ги изгубиме корените, туку само малку да излеземе од маргините на замислениот квадрат и да го подигнеме нивото на свест за иднината на генерациите кои доаѓаат. Одговорноста за тоа дали ќе создадеме здрави личности кои размислуваат со своја глава, или ќе продуцираме несигурни генерации оптоварени со бремето на нашите фрустрации, зависи од сите нас: родителите, учителите, медиумите, политичарите…

Минатото не смее да ни биде товар, туку предизвик, затоа што Historia est Magistra Vitae, сведок на времето, диригент на сегашноста, гласник на иднината.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …