Брисел via Муртино

Брисел via Муртино

Пишува: Зоран Милошески

Сѐ започна на 2 јуни 2013 со изборот на Заев за прв човек на СДСМ. Кога 395 од присутни 705 делегати на Конгрес својот глас ќе му го дадат на еден кандидат, тоа се вика убедлива победа. Тоа што првите месеци новиот лидер ја смируваше бурата на „Бихаќка“, не беше преголемо изненадување. Оти многумина не можеа да се помират со фактот дека нескопјанец, провинцијалец, може да ја води државотворната партија.

Она, пак, што беше за чудење и неверување, е што во истата таа провинција, во внатрешноста на државата, можеше да се слушне слична реторика како во “столицата“ на државата: „Селанчето од Муртино нема капацитет да ја води партијата, мора да бараме чаре оти работата замина по ѓаволите“!

Својата непринципиелност, превртливост и лицемерие истите тие “спасители“ на партијата го покажаа првиот момент кога стигна понудата да седнат во фотелјите на општинските раководства. Тогаш не им сметаше што нивниот претпоставен е истото тоа “селанче“ против кого во внатрепартиската трка блуеја клевети, навреди, лаги и лични дисквалификации. Многумина од оние кои тогаш здушно работеа за Зоран Јованоски или собираа потписи за Црвенковски, со амин на Заев станаа претседатели и секретари на Општинските организации. За многумина грешка, за другите – дискутабилно.

20 месеци после изборот Заев го започна “бомбашкиот процес“ со кој целосно го демаскираше криминалното владеење на злосторничкото здружување предводено од Груевски. Првото отворено признание кое стигна на адреса на тогашниот струмички градоначалник беше за неговата храброст. И додека огромен број партиски функционери се криеја под “Јорган планина“ и се плашеа да ги спомнат имињата дури и на “портокаловите“ градоначалници, со кои патем речено затскриено шуруваа и делеа заеднички интереси а богами и бизниси, “селанчето од Муртино“ ја разобличуваше мафијашката братија преоблечена во патриотска одора.

„Шарената револуција“ дојде како логична реакција на “бомбите“ и јавно изразување на граѓанското незадоволство. Подоцнежното вклучување на претставници на граѓанскиот сектор во законодавната и извршната власт, беше уште еден показател за решеноста на првиот социјалдемократ да гради едно општество за сите, без разлика колку и да тоа некому звучи утописки.

Конечно, декемвриските избори и драматичните настани од 24 април доведоа до формирање ново парламентарно мнозинство и Влада во која диригентската палка ја има тој кој единствено и ја заслужи. И сега, којзнае колку им е тешко на фрустрираните “неверници“ од почетокот на приказнава да го објаснат патот по кој “селанчето од Муртино“ стигна до Брисел!? Веројатно сѐ ќе припишат на факторот “среќа“, бидејќи тоа е наједноставниот и најбезболниот начин за објаснување на туѓиот успех.

Ама тука не е и не смее да биде крајот на маратонската трка која Заев ја започна пред 4 години. Шлагот на тортата и моментот на вистината треба да се случат на 15 октомври. Победата на локалните избори ќе значи верификација на четиригодишниот проектен циклус за запирање на тонењето на државата. Само со таков исход премиерот и лидер на СДСМ ќе може во нормализирани услови да ја планира и гради иднината на државата, при што НАТО и ЕУ ќе станат достижна цел.

Победата на локалните избори нема да дојде сама по себе. Освојувањето на локалната власт ќе биде ѓаволски тешка работа, особено кога од спротивната страна имате противник кој на изборите ќе влезе со девизата “со штитот или на него“. Оти евентуалната победа ќе го остави во политички живот, а поразот ширум ќе му ги отвори вратите на Идризово.

Изборот на кандидатите за градоначалници ќе биде пресудниот фактор за изборниот резултат. Граѓаните, особено оние неутралните чии гласови ќе бидат пресудни за конечниот исход, ќе гласаат за личности, не за партии. Главното прашање е каква ќе биде понудата?

Актуелните претседатели на општинските организации имаа на располагање 4 години да ја наметнат и одработат својата кандидатура. На тацна ја имаа целата партиска инфраструктура, човечки ресурси, севкупната партиска машинерија која од старт им носи предност во однос на останатите противкандидати. И доколку само малку повеќе се потрудеа да го одработат она за што и беа избрани, имињата на кандидатите ќе беа познати од многу одамна.

Меѓутоа, ретко кој од локалните челници го направи тоа. Напротив, многумина од нив го преспаа мандатот и сега се доведоа во ситуација да праќаат емисари кај централното раководство и да се пазарат со советничките места како противуслуга за довербата на дел од сопартијците. Наспроти нив, празниот простор произлезен како последица на нивното неработење го искористија помалку експонираните партиски членови, кои со својата храброст, решителност и одважност да му се спротивстават на режимот ги освоија симпатиите на своите сограѓани.

Минатиот труд во комбинација со резултатите од теренските и телефонските анкети, треба да бидат единствените критериуми по кои ќе се водат претседателот и другите партиски функционери при изборот на потенцијалните градоначалници. Впрочем, истото тоа во повеќе наврати го кажа и лидерот Заев, што влева надеж и сигурност дека на 15 октомври СДСМ и коалицијата на граѓаните ќе им понудат победнички кандидати.

Патот од Муртино до Брисел беше трновит, со многу замки, предизвици и опасности. Заев може да го сакате или не, да го почитувате или не, но не можете да му го оспорите заслугите и постигнатиот успех. Нелсон Мандела рекол: Секогаш нешто изгледа невозможно, додека не биде направено. Првиот социјалдемократ го направи тоа. Победата на октомвриските избори ќе значи заверка на постигнатото и архивирање на Фамилијата. Еднаш засекогаш.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …