Неофицијално под лупа на Организиран криминал и корупција се МВР со Бирото за јавна безбедност и УБК,Специјалното јавно обвинителство но и скопскиот Кривичен суд. Од Обвинителството за организиран криминал со кое раководи обвинителката Вилма Русковска засега детали не откриваат. Велат се прибираат докази.

-Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се уште собира докази за тоа кој е одговорен за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Оформен е предмет по допрен глас  бидејќи постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти државата.

Засега се чини дека единствена отворена енигма остана како Груевски ја поминал македонско – албанската граница.

Министерот Спасовски неодамна изјави дека МВР располага со одредени информации но засега се тајни. Но не изостануваат ниту информациите од странските медиуми.

Бриселскиот портал Политико повикувајќи се на свои извори пишува дека во олеснувањето на бегството на Груевски била вклучена унгарската разузнавачка служба.

Премиерот Зоран Заев пак демантирајќи ги наводите на дел од медиумите дека контактирал со Груевски пред да ја напушти земјава, рече дека последен пат со него разговарал пред собраниските насилства од 27 април лани.

И додека се утврдува одговорноста за бегството на екс премиерот кое го активираше притворот и за обвинетите функционери во неговата влада – Јанакиески, Божиновски и Мијалков, Апелациониот суд ќе треба да одлучи дали тие ќе останата во истражниот затвор во Шуто Оризари. Од адвокатскиот тим на Јанакиески велат дека ќе ја оспорат белешката од УБК врз основа на која судот му определи притвор.

Претходно определените мерки од судот обвинетиот Миле Јанакиески ги почитувашево целост. Спорна е белешката од УБК при што сметам дека немаше основа судот да заклучи дека би се дал во бегство.

И од ВМРО ДПМНЕ побараа од судот да го укине притворот на Јанакиески тврдејќи дека се злоупотребува УБК.

Освен Јанакиески и Божиновски, укинување на притворот бара и екс шефот на УБК Сашо Мијалков за кој Апелациониот суд се очекува да закаже јавна седница.

Извор: Канал 5