Стапката на невработеност во 19 држави на ЕУ кои го користат еврото како валута, во мај годинава изнесуваше 7,4 отсто, за 0,1 процентен поен повеќе од април, иако националните влади користат активни програми за поддршка на пазарот на трудот и за задржување на работните места, со цел ублажување на последиците од пандемијата на корона вирусот.
Ова го покажуваат официјалните податоци на Европското статистичко биро, „Евростат“, што беа објавени денеска. „Евростат“ нагласува дека пандемијата на ковид-19 произведе ситуација на пазарот без преседан и најави дека во наредните извештаи ќе се вклучат и дополнителни показатели, заедно со оние за вработеноста, за потенцијални, дополнителни учесници на пазарот на трудот, за работната сила и слично.
Во мај 2020 година во ЕУ вкупно без работа имало 14.366.000 граѓани, од кои 12.146.000 се од еврозоната. Во однос на април, нивниот број е зголемен за 253.000 во ЕУ, а во еврозоната за 169.000. Во ЕУ, 2.815.000 млади лица под 25 години биле невработени во мај, а 2.267.000 од еврозоната. Невработеноста во мај изнесувала 15,7 отсто кај младите во ЕУ, а 16 отсто во еврозоната. Во однос на април годинава, невработеноста кај младите се искачила за 64.000 во ЕУ, и за 42.000 во еврозоната.
Хрватска е меѓу првите 5 земји на ЕУ со највисока стапка на невработеност во мај, во споредба со април, како економска последица на пандемијата од ковид-19. Без работа останале 164.000 вработени, за 16.000 повеќе од претходниот месец април, а во однос на мај мината година, за 44.000 повеќе.
За состојбата со невработеноста, „Евростат“ анализира дека во добар дел не се виновни компаниите, туку состојбата наметната од корона вирусот поради што тие мораа да го ограничат работењето со деловните партнери од странство, за да се спречи ширењето на пандемијата. Во мај многу компании се обидоа повторно да го вклучат процесот на работа, но главно се фокусираа на реализација на старите работи, поради слабата побарувачка.
Во најголемата економија во Европа, германската, во јуни и понатаму важеа програмите за поддршка на платите за 6,7 милиони работници. Според нив, се исплатуваа најмалку 60 отсто од платата за вработените со скратено работно време или на оние кои останаа без работа.