Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 22 до 28 февруари 2021 г., тестирани се вкупно 20.161 материјал во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, 27,2 отсто повеќе во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со зголемување од 56,4 отсто во однос на минатата недела, процентот на позитивност се движи од 12 до 21,7 отсто, просечно 17,9 отсто.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино и Кавадарци.
„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39(18,4 отсто), 40-49 (18,2 отсто), 50-59 (16,9 отсто) и 20-29 (14,6 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,7 отсто) и 10-19 години (5,2 отсто).Пријавени се 69 смртни случаи од 20 градови, за еден случај помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 60 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години,“ се вели во Извештајот.