Бројот на загинати од рускиот напад на Днипро се искачи на 35 лица, убиени и две деца

Бројот на загинати од рускиот напад на Днипро се искачи на 35 лица, убиени и две деца

Украинските спасувачки екипи продолжуваат со пребарувањето на урнатините од уништениот станбен блок во градот Днипро, кој во саботата беше погоден во руски ракетен напад. Во чинот на агресија врз цивили досега загинаа 35 лица, од кои две се деца, пренесува Укринформ.

Валентин Режниченко, раководител на регионалната воена администрација во Днипропетровскиот регион денеска објави дека спасувачките екипи во текот на ноќта ги извадиле мртвите тела на уште неколку граѓани од под урнатините. Судбината на уште 35 лица е непозната, а операцијата за спасување на преживеани граѓани трае веќе 40 часа.

Руските ракети на 14 јануари погодија станбен блок во Днипро, кој е регионален центар на Днипропетровскиот регион. Урнат е делот со 72 станови, во кои воочаено живеат до 200 лица. Над 300 станови во овој ракетен напад се оштетени.

Воените дејствија продолжуваат во Донбас, при што Гардијан ги пренесува информациите на британското Министерство за одбрана кои потврдуваат дека најжестоки борби се водат во и околу градовите Соледар и Бахмут во Донецкиот регион и Кремина во Луханскиот регион.

Во руски ракетен напад на градот Херсон вчера загинале три лица, додека 14 биле повредени. Овој град во текот на едно деноноќие бил гранатиран во 90 наврати со различен тип на оружје. Руски ракетен напад е регистриран и во градот Запорижја, при што била погодена петкатна зграда. Во овој напад биле повредени пет лица, меѓу кои и две деца, пишува Гардијан.

Русија и Белорусија денеска започнаа заеднички воздушни вежби, за кои официјален Кијив и меѓународната заедница стравуваат дека официјална Москва би можела повторно да ги искористи за нова офанзива врз Украина. Министерството за одбрана на Белорусија информираше дека вчера вечер пристигнале единици на руските воздухопловни сили, при што информациите објавени од Гардијан говорат дека станува збор за девет воени авиони и четири транспортни авиони кои пристигнале само во текот на вчерашниот ден.

Инаку, претседавачот на ОБСЕ, Бујар Османи, утрово пристигна во украинскиот главен град Кијив, каде во својство на Претседавач со ОБСЕ ќе оствари посета на Украина, информираат од македонското Министерство за надворешни работи.

Османи, по пречекот веднаш се упати во посета на градот Бородјанка, во киевската област, кој е силно погоден од воените дејствија.

Османи во рамките на посетата предвидено е да има низа средби со високи претставници на државната власт на Украина.

Посетата на Османи на Кијив е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на Претседавањето – состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Израел: Ќе одговориме на иранскиот воздушен напад

Израел: Ќе одговориме на иранскиот воздушен напад

Ќе ги оставиме Израелците да зборуваат за тоа. Ние не сме вклучени во нивниот процес …