Бројот на загинати во Венецуела продолжува да расте

Бројот на загинати во Венецуела продолжува да расте

По силниот двоен земјотрес што ја погоди Венецуела пред една и пол недела, официјално потврдениот број на жртви се зголеми на 3.342 лица. Дополнително, има околу 16.740 повредени, соопшти претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, на платформата X. Според информациите на властите, повеќе од 17.000 луѓе останале без своите домови по катастрофата.

Владата не објави податоци за бројот на исчезнати лица. Властите во оваа јужноамериканска земја досега избегнуваа да се изјаснат по тоа прашање. Според проценките на Обединетите нации, бројот на исчезнати би можел да достигне и до 50.000 лица.

Спасувачките екипи и натаму трагаат по затрупани лица

Два разорни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала ја потресоа земјата на 24 јуни, по што следуваа повеќе, значително послаби афтершокови. Најтешко погодена е сојузната држава Ла Гваира.

Жена стои пред ѕид на кој има фотографии на луѓе , исчезнати по катастрофалните земјотреси во Венецуела
Се стравува дека бројот на исчезнати лица по земјотресите во Венецуела надминува 50 илјади

Покрај спасувачките екипи од Венецуела, помошници од рбојни други земји продолжуваат да трагаат по затрупани лица во урнатините на срушените куќи. Според досегашните сознанија, во земјотресите биле целосно уништени 190 објекти, а најмалку 856 други биле сериозно оштетени, меѓу нив и неколку болници. Од тогаш, некои мостови и патишта се целосно непроодни.

Родригез ја брани реакцијата на владата

Кај населението расте незадоволството поради реакцијата на властите, која многумина ја сметаат за задоцнета и недоволна. Преживеаните и хуманитарните организации ги обвинуваат институциите за бавност и неефикасност.

Спасувачи носат црна вреќа со тело на лице загинато во урнатините по катастрофалните земјотреси во Венецуела
Сѐ уште се пронаоѓаат жртви во урнатините по разорните земјотреси во Венецуела

Меѓу другото, недостасува тешка механизација за расчистување на урнатините, поради што спасувачките операции во голема мера ги спроведуваат цивили и странски спасувачи.

Привремената претседателка Делси Родригез, во говор по повод 215-годишнината од независноста на државата, го бранеше дејствувањето на владата. Таа изјави дека безбедносните сили биле испратени веднаш по катастрофата. Исто така, најави формирање нова воена единица специјализирана за справување со вонредни ситуации и природни катастрофи.

Извор: DW