Телевизиската новинарка Викторија Маринова е брутално убиена во градот Русе на северот на Бугарија. Регионалниот обвинител Георги Георгиев изјави дека телото на Маринова (30) е пронајдено вчера во еден парк. Според неговите зборови, смртта настапила поради удар во глава и гушење.

„Недостасуваат нејзиниот мобилен телефон, клучевите од автомобил, очилата и делови од облеката“, прецизираше Георгиев. Бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, потврди дека жртвата, исто така, била силувана.

Маринова беше новинарка и уредник на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите на Европска унија.

Bulgarische TV-Journalistin Marinova in Ruse vergewaltigt und ermordet (youtube/Ruse Мedia
)

Полицијата соопшти дека досега нема докази кои упатуваат оти убиството е поврзано со нејзината работа, но дека истрагата разгледува како професионални така и приватни причини за убиството. Последната емитувана приказна на која работеше Маринова со група бугарски новинари, беше за компаниите кои се вмешани во инфраструктурни проекти кои ги финансирала ЕУ, а со кои управувале локалните власти. Според оваа приказна, меѓу 30 и 40 насто од вкупниот фонд кој ги примиле групи од овие компании, се потрошени на корупција и поткуп.

Интернет сајтот politico.eu  наведува оти на крајот на септември Маринова интервјуирала двајца новинари кои работеле на оваа приказна, а кои биле приведени од бугарската полиција.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, изрази надеж оти истрагата ќе биде успешна и дека, благодарејќи на големото количество ДНК примероци, сторителот би требало брзо да биде пронајден.

Извор: DW.COM