Касата на Министерството за образование и наука (МОН) догодина ќе брои над 450 милиони евра кои се предвидени за финансирање и развој на образованието и науката. Како што соопштија од ова министерство, предвидениот буџет е зголемен за 8,4 отсто во однос на средствата што оваа институција ги потроши годинава.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција на која беше презентиран и образложен буџетот предвиден за секторот што тој го предводи, рече дека средствата се доволни за да продолжат промените за интегрирање на нашето образование во европскиот образовен простор.
„Ги опфаќаме сите аспекти низ кои и досега делувавме – образовна инфраструктура, наставни програми и учебници, мотивација на наставници преку раст на плати и континуирана обука, стипендии и субвенции за учениците и студентите да се заложуваат што повеќе во учењето и поддршка на високообразовните и научните установи“, потенцираше Шаќири.
Најголем дел од буџетот, како и досега, се трансферира до единиците на локалните самоуправи заради функционирање на основните и средните училишта. Така, на општините ќе им бидат префрлени вкупно 313 милиони евра, што претставува зголемување од над 12 отсто.
Шаќири информираше дека буџетот за плати во образованието ќе изнесува 68 милиони евра и тој е зголемен за 9,2 отсто, односно за 6 милиони евра во однос на тој од тековната година.
„Ова зголемување се должи на порастот на платите по повеќе основи – усогласување со минималната плата која годинава беше зголемена за 2.800 денари, предвиденото ново зголемување на минималната плата во 2023 година, зголемувањето на платите по основ на примена на колективните договори во основното и средното образование, преговорите помеѓу МОН и СОНК преку кои се постигна согласност за покачување од 15 отсто, како и поради зголемувањето на платите во високото образование согласно потпишаниот колективен договор“, истакна Шаќири.
Министерот додаде дека ставката за плати е зголемена и поради намерата за подигање на инклузивноста во образовниот систем, за што е предвидено ангажирање на дополнителен број на образовни асистенти за учениците со попреченост во основните училишта.
За инвестиции во образовната инфраструктура во 2023 година се предвидени над 18 милиони евра, речиси 9 отсто повеќе од годинава. Меѓу покрупните проекти, МОН предвидува да отпочне изградбата на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во главниот град, да продолжи изградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, да се изгради нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ и да почне реконструкцијата на сите девет државни студентски домови.
Шаќири најави дека продолжува изградбата и реконструкцијата на училишта, а догодина ќе започне изградбата и на десет нови спортски сали.
За ученичкиот и студентскиот стандард се предвидени 19,5 милиони евра – за исплата на стипендии, партиципации за ученички и студентски домови, како и за други субвенции, меѓу кои и за субвенциониран студентски оброк.
Во делот на науката, информираше Шаќири, МОН ќе обезбеди учество во европските и глобални иницијативи за поддршка на науката, како Хоризонт Европа и ЦЕПУС програмата, а ќе се согледа и ефектот од поддршката која годинава се даде за спроведување на научно-истражувачките проекти кои се од интерес на државата и граѓаните и за модернизација на лабораториските ресурси на високообразовните установи.
Шаќири потенцираше дека Министерството за образование ќе продолжи да работи економично, согласно насоките и препораките од Владата за заштеда на електрична енергија, без притоа да се наруши функционалноста.