Буџетот под притисок: спор околу дупката во државната каса

Буџетот под притисок: спор околу дупката во државната каса

Буџетскиот дефицит, економскиот раст и задолжувањето повторно се во фокусот на јавната дебата,откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека до крајот на годината не се очекуваат промени во проекциите утврдени со ребалансот на буџетот.Од друга страна, СДСМ предупредува на продлабочување на дефицитот и сериозни проблеми во пензискиот систем.

Димитриеска-Кочоска: Нема потреба од ревизија на проекциите

До крајот на годината не се очекува ревидирање на стапката на раст и промени во буџетскиот дефицит, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во САД.

Таа вели дека состојбите континуирано се следат и дека буџетскиот дефицит, растот на БДП и задолжувањата ќе се движат во согласност со проектираното во ребалансот на буџетот.

„До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме, особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3 проценти. И во однос на буџетскиот дефицит, она што ни е проектирано, тоа ќе остане, без оглед на тоа дали ние ќе правиме ребаланс или нема да правиме ребаланс“, истакна министерката во интервју за Македонската телевизија во Њујорк.

Во него таа додава: „Доколку се одлучиме и правиме ребаланс на буџетот, во исто време ќе работиме на кратење и на приходната и на расходната страна. Доколку останеме на истата состојба како сега, дефицитот нема да оди надвор од предвиденото, во исто време и задолжувањето, бидејќи и тоа е дел од ребалансот кој поминал во Собранието и тоа се некои рамки во кои Министерството за финансии мора да се движи“.

Таа нагласи дека Министерството за финансии будно ги следи состојбите и дека одлуките ќе се носат во согласност со економските движења во земјата и во странство.

Димитриеска-Кочоска, која во Њујорк учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум, посочи дека антикризните мерки имале ефект врз економските показатели.

„Она што е очигледно е дека најмногу имаме влијание кај акцизата и таму се мерките најголем период фокусирани, но, од друга страна, може да потврдиме дека Македонија е една од земјите што навистина има највисока стапка на раст и една од пониските инфлации, што јасно покажува дека мерките биле навистина насочени таму каде што треба“, изјави министерката.

Според последните податоци на Народната банка, државата има нето надворешниот долг од 4.763 милиони евра, при што бележи квартално зголемување од 30 милиони евра.

Бруто надворешниот долг во првата половина од 2026 година е зголемен за 1,03 милијарди евра и достигнал 71,4 проценти од БДП, додека нето надворешниот долг пораснал на 25,9 проценти од БДП. Во исто време, надворешните побарувања се повисоки за 718 милиони евра во споредба со крајот на 2025 година.

СДСМ предупредува на продлабочување на дефицитот и ризици за ПИОМ

И додека Министерството за финансии уверува дека буџетските проекции остануваат непроменети, од СДСМ предупредуваат дека државата се соочува со сериозни финансиски предизвици.

Партијата алармира дека дефицитот во буџетот и во ПИОМ може да надмине 900 милиони евра, односно повеќе од пет проценти од БДП. Од СДСМ наведуваат дека приходите потфрлаат, расходите растат и дека државата сè почесто ги покрива буџетските потреби преку домашни и странски задолжувања.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „За достоинствен живот и подобра иднина на сите генерации“, организирана од Општинската организација на СДСМ Аеродром, предупреди дека состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е алармантна.

Според него, дефицитот во ПИОМ за две години е двојно зголемен и достигнал една милијарда евра. „Дупката во пензискиот фонд, која за две години е дуплирана, од 500 милиони евра, сега е милијарда евра. Милијарда евра фалат за да се исплатат пензиите. Ги нема во пензискиот фонд. Треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најде парите? Од заеми“, рече Филипче.

Тој оцени дека и дефицитот во централниот буџет се продлабочува, а главен извор за сервисирање на обврските ќе бидат нови задолжувања. „Единствен извор на средства се само скапи заеми со кои ќе се пополнуваат дупките во буџетот за да се дадат плати и пензии. Никако скапи заеми кои ќе придонесат за раст на економијата. И ние одиме сѐ повеќе и повеќе во дупка. Ризикуваме да завршиме со економска криза како Грција пред неколку децении. Тоа го укажуваат економистите“, рече Филипче.

ВМРО-ДПМНЕ: Пензиите се повисоки и се исплаќаат редовно

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат критиките на СДСМ и велат дека пензионерите денес имаат конкретни резултати што можат да се измерaт. Според партијата, за помалку од две години пензиите се зголемени за околу 7.000 денари, што е значително повеќе од зголемувањето од 540 денари во првите две години од мандатот на СДС.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека повеќе од 200 илјади пензионери во времето на СДС и ДУИ примале пензии под 14 илјади денари, а покачувањата биле минимални. Од партијата додаваат дека СДСМ нема економска стратегија, ниту план за привлекување инвестиции и отворање нови работни места.

„Со Владата на ВМРО-ДПМНЕ пензиите се повисоки, исплатата е редовна, а државата ги обезбедува потребните средства за стабилно функционирање на системот. Пензионерите заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а не политички игри со нивната егзистенција“, порачуваат од  ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензискиот систем повторно ја отвори дебатата за неговата долгорочна одржливост откако Фискалниот советпредупреди на растечкиот …