Бугарија и по овие избори во политичка пат позиција?

Бугарија и по овие избори во политичка пат позиција?

Шоуменот „Слави“ Трифонов го претстави неговиот владин кабинет, иако неговата партија досега нема добиено мандат за тоа. Неговата програма не е убедлива – но другите партии во новиот парламент се под притисок.

Конечните резултати од предвремените парламентарни избори во Бугарија на 11 јули 2021 година сè уште не беа познати – но една партија веќе го претстави својот иден владин тим: антисистемската партија „Има таков народ“ (ИТН) на телевизискиот водител и шоумен Станислав „Слави“ Трифонов обезбеди многу тесна предност во однос на долгогодишниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија), која е членка на Европската народна партија.

Со излезност помала од 40 проценти, ИТН освои нешто помалку од 24 проценти од дадените гласови. Тоа значи дека партијата на Трифонов ја доби поддршка од само еден од десет Бугари со право на глас. И сепак сака да владее сама?

Трифонов е познат како самостојник, како некој кој секогаш ја следи само сопствената агенда и е цврсто убеден во конечната исправност на своите одлуки. Па сега се чини дека одигрува неочекуван и – од негова гледна точка – паметен потег. Неговите размислувања може да изгледаат вака некако:

„Бугарите веќе се заморени од гласање на секои неколку месеци. Долгогодишниот премиер Борисов го нема, сега ги имам сите адути во мојата рака. Останатите партии застапени во парламентот немаат друг избор освен да ја поддржат мојата влада. Ако не го сторат тоа, тогаш ќе ја сносат одговорноста за неуспехот на парламентот- и за кој знае кои нови избори. А на нив јас ќе победам со уште поголема предност, бидејќи под овие околности гласачите јасно ќе видат, дека само јас постапив правилно и одговорно “.

Опциите на Трифонов

Притоа Трифонов има една потполно разумна опција: малцинска влада во коалиција со уште две протестни партии. Таквиот кабинет не само што би имал околу 110 од вкупно 240 места во новиот парламент, туку и поддршка од стотици илјади граѓани кои во минатото лето со месеци протестираа против корупцијата.

Корупцијата- тоа е најважниот пароблем на Бугарија. Според Транспаренси Интернешнл, земјата има највисоко ниво на корупција во ЕУ. Секоја година до пет милијарди евра исчезнуваат во корумпирани мрежи, тврдат претставници на протестните партии. Главно станува збор за државни договори што се делат без тендери- со дебели „провизии“ на налогодавачот.

„Системот Борисов“

Привремената влада објави шокантни факти за ова тема во рок од само два месеци. Со оглед на ова, разбирливо е дека идните владетели како прво треба да го расклопат „системот Борисов“. Но, ова е многу тежок потфат затоа што овој систем е многу подлабоко вкоренет и со децении го контаминира целото бугарско општество.

Според анкетите, многу Бугари сметаат дека малото мито во администрацијата, за сообраќајната полиција или за добивање некаква дозвола е погрешно, но потребно. И токму ваквиот менталитет го изроди системот Борисов – не обратно.

Магичниот термин „владеење на правото“

Како да се излезе од овој маѓепсан круг? Првите деликатни почетоци веќе се случуваат во бугарското општество. „Владеење на правото“ е волшебниот термин. За конечно да се пополни со содржина, идентификувани се двајца носители на надеж: младата, урбана генерација која повеќе не сака да живее во ова мочуриште; и ЕУ, која, меѓутоа, досега во Бугарија се перципираа повеќе како тигар од хартија.

Трифонов јасно се определи за владеењето на правото и за ЕУ, а добива и голема поддршка, особено од младите Бугари и од бугарските иселеници. Во исто време, тој покажува чудно разбирање за демократијата и за парламентаризмот: тој самиот не се кандидираше за место во парламентот и не сака да стане премиер, туку да ги влече конците од заднина.

Трифонов и чувствителните теми

Покрај тоа, тој ја игнорира уставната процедура, со тоа што ниту го сочека мандатот за составување на владата од претседателот на државата ниту, пак, води коалициски преговори со други партии. И, неговото пријателство кон ЕУ понекогаш звучи како чисто лицемерство, особено кога станува збор за такви чувствителни прашања во Бугарија, како што се родовата еднаквост и бугарското вето за пристапните преговори со Северна Македонија.

Бидејќи ги знае и ги споделува чувствата на бугарското мнозинство, Трифонов се залага за таканаречено „традиционално семејство“ и предлага да се намалат тензиите со Северна Македонија преку заедничка мисија во Вселената.

Нејасно формулирана владина програма

Како ќе се развива политичката состојба во Бугарија? На Трифонов најверојатно ќе му биде доверен мандат за формирање влада од страна на претседателот Румен Радев; неговиот експертски владин кабинет би можел и да добие широка поддршка во парламентот. Потоа, тој, ќе мора да се потпира на променливо мнозинство, при што неговите приоритети сè уште се прилично нејасни.

Нејасно формулираната владина програма на Трифонов звучи делумно популистичка – така се бара мнозински изборен систем и директен избор на јавниот обвинител- делумно протекционистичка и економски не особено заснована. Некои набљудувачи веруваат дека владата на шоуменот може да се одржи на власт најмалку до претседателските избори во октомври 2021 година; други, пак, се сомневаат дека постои шанса таа воопшто да биде избрана. Се чини дека Бугарите уште во оваа година, повторно ќе мора да избираат нов парламент.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …