Демонстрациите пред зградата на парламентот во бугарскиот главен град Софија во понеделникот попладне беа толку големи што беше тешко човек да се пробие низ толпата.
„Никогаш не сум видел протест од генерацијата Z“, вели еден малку постар демонстрант.
И токму тогаш луѓето во близина почнуваат да скандираат: „Генерацијата Z нема да молчи!“
Што точно ги прави овие млади луѓе толку незадоволни?
Незадоволство од буџетот за 2026 и растечки даноци
Протестите кои започнаа минатата недела, се насочени против предлог буџетот на владата за 2026 година, со кој се укажува на тоа дека ќе има зголемувања на придонесите за социјално осигурување и на даноците.
Организациите на работодавачи и синдикатите го оценија предлог документот како „најлошиот буџет во последните 30 години“.
Минатата среда илјадници луѓе излегоа на улиците на Софија да протестираат. По протестот поранешниот премиер и лидер на владејачката централно-десничарска партија ГЕРБ, Бојко Борисов, објави дека владата ќе го повлече буџетот, но неколку дена подоцна одлуката беше поништена.
Многу млади луѓе беа бесни поради таквиот пресврт, а незадоволството низ целата земја продолжи да расте.

Корупцијата, ниските плати и слободата на медиумите во фокусот
Гневот беше очигледен на социјалните медиуми, каде почнаа да доминираат темите демократија, корупција во Бугарија, ниски плати за млади лекари (кои масовно ја напуштаат земјата) и недостиг на слобода на печатот.
Прочуени пејачи, актери и влијателни личности почнаа да ги повикуваат луѓето да го покажат своето незадоволство и да учествуваат во протестот. Сè повеќе млади луѓе почнаа да излегуваат на улиците, а за многу од нив ова беше прв протест на кој учествуваат.
Софија, студентка по медицина, вели дека не бара многу, туку само да има причина да остане во Бугарија: „За мене е многу важно да останам тука и да помогнам, но во овој момент не сум сигурна дека условите ќе го дозволат тоа“, вели таа за ДВ.
Секој од демонстрантите има своја причина. Некои се бесни поради буџетот, на други им е најважна состојбата со образованието и здравството во земјата, трети се бесни поради големото зголемување на платите за полицијата, а сосема четврта група само сакаат „Бојко и Пеевски да си одат“, како што за ДВ објаснува младиот демонстрант Васил.

Борисов и Пеевски во фокус на народниот револт
Бојко Борисов служеше три мандати како премиер на Бугарија, а неговиот последен мандат заврши во 2021 година. Од изборите во октомври 2024 година, неговата партија е повторно на власт. Иако е член на владејачката ГЕРБ, Борисов не е ниту премиер ниту министер во владата. Сепак, тој ги прави сите важни објави во име на владата и нашироко се доживува како човекот што ги влече конците од зад кулисите. И тоа го прави доста отворено.
Олигархот Делјан Пеевски, пак, кој беше мета на огромен гнев на социјалните медиуми, во моментов е под санкции од САД и од Велика Британија. Иако неговата партија ДПС – Ново Начало (Нов почеток) не е официјално дел од владејачката коалиција, и тој има влијание бидејќи гласовите на неговата партија се потребни за малцинската коалиција да обезбеди мнозинство во парламентот.
Демонстрантите ги обвинуваат Борисов и Пеевски за корупција и непотизам во сите сфери од јавниот живот и за немање независно судство, што Бугарија со години ја прави мета на критики од организации за човекови права и од ЕК.
Бугарија е рангирана на второ место во ЕУ според Индексот за перцепција на корупцијата за 2024 година на организацијата Транспаренси Интернешнл, односно таа е само едно место подобра од Унгарија.
Ситуацијата во врска со слободата на печатот е слична. Заедно со Грција и Кипар, Бугарија е на дното на рангирањето од Репортери без граници на земјите од ЕУ за 2025 година.
Бесот насочен спрема политичките партии
Околу 20 часот растечката толпа полека почнува да се движи кон седиштето на партијата ДПС на Делјан Пеевски.
„Пеевски сака да ја претвори нашата земја во нешто сосема неевропско“, вели Петар, млад човек кој има двојно бугарско-руско државјанство и е исклучително критичен кон рускиот претседател Владимир Путин и Кремљ. „Не сакам таква земја. И ниту еден човек од мојата генерација не сака таква земја“, вели тој за ДВ додека луѓето околу него скандираат: „Кога Пеевски ќе падне, не сакам да бидам под него за да не падне врз мене“.
Ескалација пред седиштето на ДПС и реакција на полицијата
Кога толпата стигнува до седиштето на ДПС, протестот ескалира, а полицијата се соочува со фрлени шишиња и петарди. Иако групата што ја предизвика ескалацијата е мала, тие се многу гласни и го привлекуваат најголемото внимание на медиумите што известуваат за протестот.
„Има 25 момчиња во дуксери кои вандализираат“, вели Елисавета Белобрадова, пратеничка од опозициската партија „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, во пренос во живо на нејзината Фејсбук страница. „Полицијата може да ги собере за точно една минута, но не презема ништо“, додава таа.
Со денови на интернет кружеа шпекулации дека полицајците се инструирани да дозволуваат провокации со цел да се дискредитира протестот.
Но, има и други причини за воздржаноста на полицајците.
„Нема да тепам никого“, вели еден полицаец за ДВ и додав дека „половина од луѓето што ги знам се на протестот“.
Луѓето во толпата не се согласуваат околу ескалацијата. Некои бараат проблематичните да престанат, додека други како Симеон, млад човек кој не е вклучен во насилството, смета дека „очигледно нема друг начин“.
Во текот на вечерта, канцеларија во сопственост на ГЕРБ е уништена, канти за ѓубре се превртени и запалени, а два паркирани автомобили се оштетени.
Откако протестот заврши и се врати мирот на улиците, еден постар човек го истури својот гнев врз политичарите во земјата.
„Дали за ова протестирав пред 30 години – јас не се борев за ова“, вели тој за ДВ, осврнувајќи се на протестите од 1996/97 година против исклучително тешката економска состојба во Бугарија во тоа време. „Не смее да им се дозволи влез во парламентот, ние мора да бидеме таму секој ден. Кои се тие за да тврдат дека сè е нивно? Што си замислува Пеевски, кој е тој?“, прашува човекот.

Буџетот повлечен, но протестите продолжуваат
Во вторник, бугарската влада по вторпат објави дека го повлекува нацрт буџетот, а во средата попладне (3.12), парламентот гласаше за укинување на истиот.
Сепак, тешко дека тоа ќе го смири гневот.
Опозициската коалиција ПП-ДБ, која повика на протести, сега ја повикува владата да си поднесе оставка и планира да организира гласање недоверба во петок.
Претседателот Румен Радев ја критикуваше владата и повика на предвремени избори. Всушност, многумина во Бугарија се убедени дека тој се подготвува да стартува свој политички проект кога ќе заврши неговиот втор претседателски мандат во 2026 година.
Иако од демонстрациите поминаа два дена, во Софија и низ цела Бугарија и натаму врие. Веќе се во тек онлајн подготовки за нови протести следната недела.
Ова се најголемите протести што Бугарија ги доживеала во својата понова историја. Без оглед на нивната возраст, луѓето на улиците го сакаат истото – да имаат иднина во Бугарија. И тоа е нешто за што се подготвени да се борат.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место