Бугарски „Медиапул“ го раскринкува лицемерието на новата патриотска коалиција на Каракачанов

Бугарски „Медиапул“ го раскринкува лицемерието на новата патриотска коалиција на Каракачанов

Tри бугарски националистички политички партии, меѓу кои и ВМРО-БНД на Каракачанов, кои не освоија пратеници на последните парламентарни избори на 4 април, решија на следните избори на 11 јули, да настапат заеднички, во патриотска коалиција. Бугарскиот онлајн-медиум „Медиапул“ ја коментира непринципиелноста на нивната одлука и крајното лицемерие на овие политичари, потсетувајќи ги читателите на претходните остри судири меѓу новите коалициски партнери.

Текстот на „Медиапул“ го пренесуваме подолу во целост:

Трите партии што испаднаа на последните избори – ВМРО, НФСБ [Национален фронт за спас на Бугарија – заб. прев.] и „Волја“ се прегрнаа во сојуз со којшто ќе јуришаат кон следниот парламент. Коалицијата ќе се вика „Бугарските патриоти (БП)“. Нивните политички противници тешко би можеле да измислат поадекватни критики кон нив од тоа што во изминатите години си го упатуваа меѓусебно политичарите од овие партии.

„Зошто си отидоа тројцата министри од ГЕРБ, затоа што имаат морал, зошто не си заминат тие двајцата од т.н. „Патриоти“, затоа што се само за далавери – коалиција Далавера. Пред една година јас почнав да го раскринкувам лицето Каракачанов – тој е политички фалсификат што прегоруваше на грбот на Бареков и парите од КТБ [се мисли на скандалот со банкротираната Корпоративно трговска банка – заб.прев.], продолжи на грбот на Валери Симеонов и Волен Сидеров. Тој е политички измамник – зборуваше за пензии, а сега имаме авиони и парите ќе отидат кај американските пензионери“, се лутеше во октомври 2018 година лидерот на „Волја“, Марешки.

Ревносен приврзаник на Кремљ, Русија и Путин, Марешки очајнички се спротивставуваше на купувањето на американските [воени авиони – заб.прев.] – ловци F-16, коешто, пак, на Каракачанов му осигури топол прием во Вашингтон.

„Ги сметаме за недозволиви коментарите на т.н. „Обединети патриоти“ за рускиот патријарх Кирил. Не може да се зборува така за духовен водач на милиони православни христијани“, порача партијата „Волја“ во март 2018 година.

Повод за тоа беше јавно изразеното спротивставување на лидерот на НФСБ Валери Симеонов за неприфатливиот тон на рускиот патријарх, кого што Симеонов го нарече „второкласен полицаец од КГБ“, „итрец“ и „цигара-митрополит“ [поради безакцизен увоз на вино и цигари во Русија за потребите на црквата – заб.прев.].

Но тоа не е сè. Во текот на годините, лидерите на трите партии си се закануваа со тужби, си бараа меѓусебно оставки и се обвинуваа за корупција. Но, сега се готови да заборават сè за да влезат во парламентот.

Откако прво ја избрка „Атака“, поранешната коалиција, „Обединети патриоти“ конечно се распадна пред изборите на 4 април поради решението на ВМРО да учествува самостојно во нив. Тогаш напуштениот Валери Симеонов бргу склучи коалиција со Веселин Марешки. На крајот, во парламентот не влегоа ниту ВМРО, ниту коалицијата НФСБ-Волја. Сега трите партии заедно ќе се обидат да ја прескокнат бариерата од четири отсто.

Само пред неколку месеци Марешки објави дека не сака коалиција со ВМРО оти имал сомнежи колку би било полезно обединување со Каракачанов, поради корупциските скандали поврзани со ВМРО. „Со Валери Симеонов многу долго ја коментиравме оваа тема. И јас се тргав поради скандалите околу Красимир Каракачанов за пасошите, трошоците за авиони, со неговите уапсени министри. Се тргав од идејата да го земеме во коалицијата Каракачанов, а Валери Симеонов до последно стоеше на ставот и настојуваше тој да биде заедно со нас“, рече тој.

Сега, пак, е очигледно дека Марешки ги „голтнал“ сомнежите што ги имале пред само три месеци.

Во 2019 година тој го нападна Каракачанов дека си ѕида рејтинг од тепањето на командос од страна на двајца Роми во Војводиново:

„Деновиве станавме сведоци на обид за сомнително кревање на личниот рејтинг преку ставање на маса на субдината на етничкиот мир во Бугарија, објавувајќи дека поради еден престап извршен од конкретни луѓе, 20 отсто од бугарскиот народ се престапници. Ние од „Волја“ категорично се спротивставуваме на тој јазик, којшто, пак велам, поради паднатиот рејтинг на одредени псевдополитичари, за кратко влезени во власта на државата, се обидуваат да создадат проблем за којшто никој не може да предвиди до кај може да стаса“.

Тогаш беше и еден од неколкуте случаи во коишто лидерот на „Волја“ ја бараше оставката на Каракачанов како вицепремиер. „Во тоа гето се гласачи на ВМРО. Каракачанов самиот ги населувал таму за да гласаат за неговата партија (…). Ќе побараме од обвинителството да отвори истрага за Каракачанов. Тој вели дека е „еден посредник во купувањето на ловците, што подразбира некакви провизии“ рече Марешки повторно во врска со инцидентот во Војводиново.

Низ годините Марешки и Симеонов исто така си разменуваа остри реплики. Во 2018 година лидерот на „Волја“ дури побара Валери Симеонов да даде оставка како вицепремиер, откако ги нарече мајките на деца со попреченост „разврескани жени“ со „божем болни деца“.

Во 2019 година, кога лидерот на НФСБ веќе беше вратен во парламентот, Марешки го повика „да се моли на сите Бугари, мајки и на Господ да заборават и да простат“. „Господ му дал уста на глупавиот за да јаде, не за да раскажува“, одговори тогаш Симеонов.

Пред три години, Марешки со пластична коска в рака бараше Симеонов и Каракачанов да дадат оставки на вицепремиерските места што ги имаа во тоа време. „Ние се чудиме каде се скрија двајцата вицепремиери во последниве денови – тоа ли прават, ја гризаат ли коската на власта и не оставаат ништо за бугарскиот народ?“.

Претходно во 2018 година Марешки го повика Каракчанов „да престане да ги пие апчињата во прав“ [инсинуација за дрога – заб.прев.] Одговорот од лидерот на ВМРО не задоцни. „Марешки е резервно тркало, видете го како гласа – кога како Патриоти велиме дека нешто нема да поддржиме, веднаш се појавува Марешки и гласа „за“. Сега истиот тој човек зборува за припитомена опозиција – тоа е смешно“.

Уште тогаш Каракачанов откри дека лидерот на „Волја“ сакал широка коалиција: „Тој ми го прегоруваше телефонот пред некое време со идејата да направиме поголем блок, за да може да се пикне во владата. Како што велат: Тие не го пуштаат во селото, а тој прашува каде е куќата на попoт! Тој решил да се легитимира“.

Какви и да било обвинувања, ароганција и навреди да си разменуваа, лидерите на трите партии секогаш остануваа длабоко поврзани преку лојалноста кон ГЕРБ и Бојко Борисов. А ГЕРБ дефинитивно ќе има потреба од „резервно тркало“ во следниот парламент, па била тоа и коалицијата „Далавера“, пишува „Медиапул“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …