Бугарски „Медиапул“ со 10 незгодни прашања околу бугарското вето за Северна Македонија

Бугарски „Медиапул“ со 10 незгодни прашања околу бугарското вето за Северна Македонија

Бугарскиот новински сајт „Медиапул“, кој е од критичките медиуми што будно ја следат и критикуваат владата на Бугарија, денеска излезе со 10 прашања до власта во врска со бугарското вето и генералната политика кон Северна Македонија. Од назначувањето на Орце Камчев за почесен конзул, преку потпишување на Договорот за добрососедство, кој бил претходно силно критикуван, до препуштањето на уздите на Красимир Каракачанов во спорот со Македонија и урнисувањето на улогата и на угледот на Бугарија во ЕУ, „Медиапул“ преку прашањата прецизно ги лоцира главните точки што во изминатиов период критичарите ги истакнуваат како големи проблеми на владата на Бугарија.

1. Зошто Бугарија го предложи контроверзниот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев за почесен конзул во Скопје и така се вмеша во корупциските скандали што ја тресат југозападната сосетка? Првин Владата тивко, тивко, го предложи најбогатиот Македонец за конзул, а потоа на истиот начин се откажа од таа кандидатура без да даде никакво објаснување. Според тамошни медиуми, Бугарија првин се обидела да го „спаси“ Камчев од истрага, а подоцна дури му обезбедила телохранители.

2. Зошто Бугарија не демонстрираше конзистентна политика и не ги покрена прашањата за јазикот на омраза и кражбата на историјата пред Северна Македонија да се приклучи на НАТО претходно годинава? Така Софија дозволи нерешени билатерални прашања да се одразат на Алијансата. Тоа стана исклучително забележливо при разгледувањето на блокираната од Бугарија преговарачка рамка за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

3. Зошто Владата си дозволи да го потпише Договорот за добрососедство со Скопје, иако тој претходно беше критикуван од експерти и пратеници поради „желбениот“ стил и недостигот на механизми за спроведување и контрола? Дали Министерството за надворешни работи има доволно обучени експерти за Северна Македонија коишто можат да формулираат јасни позиции (притоа, без фактички грешки)?

4. Како беа избрани членовите на историската комисија од бугарска страна и зошто Владата ги изолираше од формирањето на бугарската позиција поумерените историчари и општественици?

5. Зошто премиерот го препушти дијалогот со Скопје во рацете на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, чијшто ресор како вицепремиер не е надворешна политика и дали така не му направи услуга во предизборни цели?

6. Ја потцени ли Бугарија темата, демонстрирајќи во последните три години неконзистентна политика кон Северна Македонија, вклучувајќи притоа и несогласување на тонот меѓу министрите и премиерот?

7. Зошто се дозволи Бугарија да се најде во европска изолација? Бугарија очекуваше бугарските барања да бидат рефлектирани во преговарачката рамка на Северна Македонија, но тоа не се случи, иако другите земји-членки беа запознати со желбите на Софија. Партнерите во ЕУ не ги разбираат бугарските мотиви за ветото, посебно на фонот на тоа дека Софија беше главниот поддржувач на европската перспектива на регионот и ја претвори таа кауза во приоритет на своето прво претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.

8. Дали бугарската влада стана „сојузник“ на проруската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која ги користи билатералните односи против владата на Зоран Заев и во голем степен е одговорна за јазикот на омраза кон Бугарија?

9. Има ли бугарската влада стратегија да ги поправи штетите кај довербата и односот на обичните обичните македонски граѓани кон Бугарија?

10. Зошто Бугарија си дозволи да стане „нова Грција“ за Северна Македонија, а Атина да ја преземе одбраната на нивното небо и да нарачува вакцини на европско ниво за неа?, прашува Никола Лалов од „Медиапул“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …