Бугарскиот страв од македонско малцинство

Бугарскиот страв од македонско малцинство

Мерата за цивилизираноста на  една национална држава е нејзиниот однос кон малцинствата. Националните држави на Балканот се создавале како наследнички на сложена и испреплетена историја. Токму тоа со што се гордеат балканските народи, славното минато,  било историја на царства кои во себе обединувале многу народи, култури и религии. Затоа што не биле национални во модерната смисла, туку имале поданички принцип на припадност, тие царства зад себе на Балканот оставиле вистинска разновидност од народи и култури, која, во модерен контекст,  за сегашните држави би требало да биде  богатство, а не опасност. Сведоштво за тоа е мултиетничноста  на регионот Македонија. Можно ли е само РС Македонија да е мултиетничка држава, а нејзините соседи да се „чисти“ национални држави? Како може кај нив да нема малцинства, кога ги има во Македонија? А, притоа, тие самите тврдат дека имало периоди кога припаѓале на исти  царства и империи? Што се случило тогаш со национално „различните” во  соседните држави?

Уште од моментот на националните препороди, балканските народи ја доживувале етничката разноликост на Балканот само како „материјал“ за сопствените национални проекции за големина. Границите на националните држави на Балканот се поставувани со војни и крв, со геноциди, со размена на население, со безмилосна асимилација. Историјата на регионот Македонија, кој самиот по себе може да биде позитивен пример за мирољубивото постоење на малечок простор на многу народи, култури и религии, јасно сведочи колку погубни биле стремежите за „чисти” нации на Балканот. Кога Бугарија тврди дека на нејзината територија нема македонско малцинство, таа само потврдува дека во нејзините граници постојат малцинства. Затоа што не може да се негира нешто што не постои! Стравот од македонско малцинство говори за несигурноста на бугарскиот национален идентитет. Народите со јасен национален идентитет не стравуваат од малцинствата. Фанатичниот национален мит не сведочи за величина. Величина покажуваат само нациите кои го почитуваат правото на „различност“ во своите граници.

Зошто Балканот не се менува?

Стравот од малцинствата е атавизам кога ќе се пројави во рамките на ЕУ. Со европското обединување треба да се надминат состојбите во кои во минатото се „тргуваше“ со малцинствата во полза на националната „чистота“ на државите. За „чисти“ национални држави во ЕУ зборува само радикалната десница и неонацистите. На Балканот за тоа најчесто зборува официјалната политика. Дури и кај членки на ЕУ, како Бугарија. Зошто Балканот не се менува и кога е формално вклучен во ЕУ? Затоа што стремежот да станат членка на ЕУ за балканските држави не произлезе од сознанието кое го делеа втемелувачите на ЕУ. Тие сакаа да создадат мирољубива заедница на народите, народностите и малцинствата. Тоа очигледно никогаш не беше стремежот на балканските национални држави. Се чини дека за денешните бугарски политичари ЕУ треба да биде само гаранција да продолжат да сонуваат за „Голема Бугарија“, сега со дипломатски средства. Ако не може „Голема Бугарија” во сегашноста, тогаш барем во минатото! Со тоа што ќе ги „уценат“ Македонците, во мигот кога се во неволја, да признаат дека барем порано биле Бугари. Додека бугарските политичари говорат „за корени”, за „семка”, за крвно и етнобиолошко потекло, тие уште не живеат во европската сегашност.

„Жаргон на автентичност“

Слушајќи ја реториката на бугарските дипломати, човек помислува дека тие во Брисел престојуваат како туристи, а не како ЕУ- политичари! Ама дури и туристите учат нешто од патувањата во странство. Дури и тогаш кога одат таму само на шопинг. Ако не друго, барем учат која е најновата мода на Западот! Тоа не важи за бугарските ЕУ-политичари. Тие во Брисел само се „костимираат“, како за карневал, во модерна облека, а дома пак ја облекуваат милитантната „униформа“ на борците за „национална чистота“, извадена од нафталинот стар два века. Се чини дека балканските политичари стануваат поголеми националисти, колку подолго престојуваат во Брисел. Тие таму сознаваат дека немаат што да понудат, освен својот балкански менталитет. Тоа е единствената егзотика и „жаргон на автентичност“ кои совршено ги владеат. Пропаднатите стопанства во нивните корумпирани национални држави и без тоа се одржуваат во живот само со европските фондови. Тие немаат ништо друго што би ги правело силни, освен сонот за неостварените идеи за „национална големина“. Дека сонот за „Голема Бугарија“ барал војни, дека политиката на асимилација оставила трауми кај Македонците, тоа не постои за бугарската „селективна меморија”. Затоа забораваат дека создавањето на националните држави на Балканот не е ниту малку славна, туку трагична и тажна приказна.

Плодотворни на Балканот биле само периодите во кои многубројните народи живееле обединети во една повисока и поуниверзална идеја. Национализмот е секогаш локален, анахрон и провинцијален. Тој се кара со соседот за тоа, кому што му припаѓа. Националистичкиот Балкан не умее да споделува и да соработува, освен во криминалот и во политичкиоит опортунизам. Тој го окупира умот во тесни рамки, а не нуди широки хоризонти. Затоа Балканот станува се‘ понепријатно место за живот за младите кои не сакаат да се трујат со националистичката реторика и со омразата кон соседите. Вистинските големи цивилизации на Балканот, кои никогаш не биле етно-национални, знаеле да го вградат различното во својата култура. Само тие периоди оставија зад себе на Балканот белези на висока култура. Периодите на националните пропаганди во деветнаесетиот век оставија зад себе само паметење на војни, геноциди и до ден-денес ненадминати трауми.

Затоа Балканот и балканските држави уште стравуваат од Европа која од нив бара да ги признаат малцинствата. Меѓутоа, токму македонската држава го разобличува балканскиот сон за „чиста нација“, затоа што покажува дека е можна балканска држава во која имаат права сите малцинства. Тоа е силината и величината на Македонија, за која многу македонски граѓани уште не станале свесни. Тоа е нејзината остварена европска димензија! Во овој миг е важно сите етнички заедници во Македонија да се солидаризираат со Македонците, кога бугарската политика го негира нивниот национален идентитет и јазик. Ќе чуеме ли конечно и тие да кажат гласно „и ние сме Македонци“? Затоа што тој што го негира мојот сограѓанин, ме негира и мене? Дури и кога би се одложил почетокот на преговорите со ЕУ, македонските граѓани со таква солидарност би го сочувале најдрагоценото во македонската демократија – нејзината модерна, европска политика на мултиетничка држава. Во идеална смисла, Македонија со тоа одамна живее во духот на модерна Европа!

Извор: Дојче веле 

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …