Бугарските здруженија и клубови имаат три месеци да си ги сменат имињата

Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. И двата закони се донесоа по скратена постапка.

Измените на Законот за здруженија ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.

Предлогот на опозицијата го поддржаа и пратениците од власта. За измените гласаа 67 пратеници, немаше против и воздржани.

Потоа и владејачката СДСМ поднесе измени на Законот за партии, со речиси идентичен текст на законот за здруженија, со кои се осудува фашизмот. И за овие измени „за“ гласаа 67 пратеници.

Измените на законот за здруженија предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња, по примерот на здруженијата Иван (Ванчо) Михајлов и Цар Борис Трети и истоимените клубови. Овие здруженија и клубови ќе имаат време да ги сменат имињата, а доколку тоа не го направат во рок од три месеци, ќе бидат избришани од Централен регистар.

За имиња на фондации и здруженија кои допрва треба да се отвораат мислења ќе дава новоформираната Комисијата за употреба на имињата на историски личности, како советодавно тело, а одлуката ќе ја формира министерот за правда.

Со измените, пак, на Законот за политички партии, исто така се забранува партиите во програмата, статутот и дејствувањето да не разгоруваат национална, расна или верска омраза, нетрпеливост, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …