Пазарот на недвижности во Република Македонија продолжува да изненадува со високите цени, особено во главниот град. Според најновиот Извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за првиот квартал од 2026 година (01.01.2026 – 31.03.2026), регистриран е рекорден износ за продажба на стан во скопската општина Кисела Вода.
Иако првиот квартал традиционално се карактеризира со намалена активност на пазарот, цените на становите очигледно не го следат тој тренд.
130.000 евра за 45 метри квадратни!
Податоците од извештајот потврдуваат дека во текот на првиот квартал од 2026 година, најголемата постигната цена на стан по метар квадратен во државата изнесувала фрапантни 177.667 денари.
Оваа вртоглава сума се однесува на стан со вкупна површина од само 45 квадратни метри, кој се наоѓа на територијата на општина Кисела Вода. Вкупната продажна цена на овој стан достигнала неверојатни 130.000 евра.
Кисела Вода меѓу најскапите општини
Иако Општина Центар сè уште ја држи лидерската позиција со највисока просечна цена на станбен простор (116.317 денари по m2), овој поединечен случај во Кисела Вода покажува дека побарувачката за одредени локации диктира цени кои ги надминуваат просеците дури и во најатрактивните скопски општини.
Во извештајот се забележува дека просечната цена на становите во Кисела Вода изнесува 83.723 денари по m2, со забележан пад на просечната цена од -12% во споредба со претходниот квартал. Сепак, опсегот на цените варира од 27.907 денари до максималните 177.667 денари по метар квадратен, колку што е платен рекордерот од 45 квадрати.
Генерален пад на купопродажбите
И покрај ваквите издвоени екстремни примери, генералната слика за пазарот на недвижности во првиот квартал од 2026 година покажува намалување на активноста. Во Општина Кисела Вода регистрирани се вкупно 331 трансакции (купопродажби и закупи), што е за 9,6% помалку во споредба со четвртиот квартал од 2025 година.
На ниво на целата држава, во овој квартал преку купопродажби се истргувани недвижности со вкупна достигната цена од над 16,9 милијарди денари. Становите (вклучувајќи ги старите и новите градби) се најтргуваниот тип на недвижност, учествувајќи со 31% во вкупниот број на купопродажби.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место