Цените на струјата во земјава слични како во Србија и Косово, а далеку пониски од Хрватска

Македонија има најниска цена на евтината струја и речиси изедначени цени во скапата тарифа со Србија и Косово, додека Хрватска има забележително повисоки цени и во ниската и во високата тарифа. Сите држави од регионот во текот на минатата година најмалку еднаш ги коригираа цените кои граѓаните ги плаќаат за потрошена електрична енергија.

Во земјава на почетокот на јули стартуваше со нов систем за пресметка, па освен новите цени и повисоките сметки за струја, за граѓаните се новина и четирите блок тарифи на кои е поделена скапата струја, а секоја од нив е со различна цена. Најмалку ќе се плаќа во првиот блок кој е ограничен до потрошени 210 киловат-часа. Вториот блок е за потрошени од 210 до 630 киловат-часа, третиот за од 630 до 1.050 киловат-часа и најскапиот четврти тарифен блок, е наменет за најголемите потрошувачи и потрошената струја ќе се пресметува за над 1.050 киловат-часа.

Воведувањето на тарифни блокови, кои од властите во земјава беа оправдани со енергетската криза и неизвесноста која нѐ очекува зимава, во земјите од регионот не се новина. Во Хрватска постојат син, бел, црвен и црн тарифен модел.

Цените варираат и во високата и во ниската тарифа и се движат од 2,12 до 3,7 во ниска и од 6,40 до 7,70 денари во висока тарифа. Овие цени се без ДДВ и другите трошоци.

Србија, исто така има систем со повеќе тарифи кои се поделени на зелена, сина и црвена зона, а цените за евтината струја се движат од 0,8 до 2,5 денари и од 3,3 до 10,3 денари, без ДДВ, за скапата тарифа.

Во Косово, цените на електричната енергија во евтината тарифа се движат од 1,8 до 3,6 денари, а во скапата потрошената енергија се плаќа од 4,2 до 7,3 денари за киловатчас.

Заради споредба, цените без ДДВ и другите трошоци во С. Македонија се 0,61 денари за ниската тарифа, за првиот блок во скапата е 4,3, во вториот 4,7, во третиот 5,2 и во четвртиот 14,1 денари за киловат-час.

Во Хрватска, потрошувачите можат да изберат еднотарифни и повеќетарифни броила, а врз основа на тоа и тарифен модел. Со еднотарифно броило струјата секогаш се пресметува по истата дневна тарифа, односно цената за киловат е иста во текот на целиот ден. Со повеќетарифно броило, во зависност од избраниот тарифен модел, електричната енергија може да се пресметува според истата дневна тарифа во синиот тарифен модел или според повисока и пониска дневна тарифа во белиот.

И во Хрватска постои скапа и евтина електрична енергија, кои се менуваат во периодот седум или осум часот до 21 или 22 часот и обратно. Цените, кои важат од април годинава во синиот тарифен модел се 0,84 куни, или 6,90 денари, за киловат-час, без ДДВ и останатите трошоци за пренос и користење на мрежата, која е единствена цена за оние кои имаат еднотарифно броило.

Цената на струјата во белиот тарифен модел е 0,95 куни, за висока и 0,45 за ниска тарифа, а во црвениот 0,78 куни за киловат-час за висока тарифа и 0,38 куни за ниска тарифа. Црниот тарифен модел се смета како дополнителен и е наменет за т.н. управувана потрошувачка, односно енергијата не е достапна за потрошувачот 24 часа на ден. Снабдувачот го одредува времето на користење со далечински управувач, а цената на струјата е 0,48 куни како единствена тарифа.

Во Србија, во зелената влегуваат потрошувачите кои најмалку трошат, до 350 kWh, а цените на електричната енергија според одлуката од февруари 2021 година, се движат од 5,6 динари за киловат доколку е еднотарифно броилото и 6,4 динари за скапа струја и 1,6 динари за киловат доколу е двотарифно броилото. Во сината тарифа влегуваат потрошувачите кои трошат од 350 до 1.600 kWh. Цените на киловат-час во овој модел се 8,4 динари за еднотарифно мерење и 9,6 и 2,4 динари за скапа, односно евтина струја. Во црвената зона на потрошувачка влегуваат домаќинствата кои трошат над 1.600 kWh, а струјата ја плаќаат по цена од 19,2 и 4,8 динари за киловат-час.

Во Косово, потрошувачите на електрична енергија се поделени во два блока, оние кои трошат до 800 kWh и над 800 kWh месечно. Во февруари годинава, како одговор на енергетската криза, Регулаторното тело за енергетика на оваа земја донесе одлука за поскапување на киловатот, но само за само за потрошувачите кои трошат повеќе од 800 киловат-часови месечно.

Домаќинствата кои се поштедливи ќе останат да плаќаат исти сметки, за евтина струја околу три центи и за скапа струја од околу седум центи за киловат-час, додека оние кои трошат повеќе ќе плаќаат околу шест центи во пониската и околу 12 центи за киловат-час во повисоката тарифа. Тоа значи дека цените во евтината тарифа се движат од 1,8 до 3,6 денари, а во скапата потрошената енергија се плаќа од 4,2 до 7,3 денари за киловат-час.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Софија протест #ГаzWithMe

Во Софија повторно протест #ГаzWithMe против намерата на техничката влада да се купува руски гас

Стотици демонстранти се собраа вчеравечер пред Кабинетот на претседателот на Бугарија, во најстрогиот центар на …