За да се избегнат минатогодишните критики од Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава во 2021 година, државните власти ќе мора да го забрзаат донесувањето на законите за управување на отпадот. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ги најави пред околу еден месец, додека Владата на седницата на 22 декември 2020 ги утврди текстовите на новиот сет од шест закони поврзани со управување на отпадот.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека доставените предлог закони до Владата во моментов се во фаза на дополнување и подготвување на потребната пропратна документација од страна на службите, по што во најкус можен рок ќе бидат доставени до Собранието на РСМ.
„Сите овие предлози на закони се со ЕУ знаменце, но ќе одат во редовна постапка затоа што се комплетно нови законски решенија што треба детално да бидат разгледани од работните тела, собраниските комисии и пратениците. Нашите очекувања се овој сет на закони да биде усвоен до крајот на март, но секако тоа во голема мера ќе зависи од работата на Собранието“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од ова министерство сметаат дека со сите предлог закони се врши транспозиција (префрлање) на ЕУ регулативата во нашето законодавство, со што ќе се надминат забелешките на Европската комисија од последниот Извештај за напредокот на нашата земја во 2020 година. Токму во делот за управување со отпадот, во октомври лани добивме критика од ЕК дека законите за управување со отпадот сè уште не се донесени.
Станува збор за сет од шест закони: за управување со отпадот; на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад; на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема; на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите; на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување; како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека законите ќе стапат на сила веднаш штом бидат усвоени, но за дел од законските одредби е предвиден период на транзиција за да може системот да се прилагоди за нивна имплементација.
Со новиот сет на закони за управување со отпадот се зајакнуваат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. Со нив ќе се воведе хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.
Предложените законски решенија овозможуваат воведување на финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил. Предвидена е забрана за употребата на пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за воведување на кауција и стимулација на повратната амбалажа.
Воедно, со новите законски решенија се предлага одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рециклажа да падне на производителот, додека граѓаните ќе се одговорни за селекција на отпадот а општините и колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски за да им овозможат на сите граѓани да го селектираат отпадот.
Извор: МЕТА