На денешен ден во 1967 година, во боливиското село Ла Игуера беше убиен аргентинскиот лекар и револуционер, Ернесто Че Гевара.
Како член на движењето „26-ти Јули“, Че беше една од клучните личности на кубанската револуција на Фидел Кастро, која се одигра од 1956 до 1959 година.
После победата на кубанската револуција, Че учествувал во движењата за ослободување од диктаторските режими во Конго, за време на владеењето на Моиз Чомбе, а подоцна и во Боливија.
Неговиот лик како борец за ослободување и жртва на империјализмот, и денес претставува еден од главните симболи на општествената и политичката револуција ширум светот.
Часописот „Тајм“ го прогласи Че за една од 20-те најголемите светски икони и херои во рамките на 100-те највлијателни луѓе во светот.
Познатата фотографија на Ернесто Че гевара, која ја направил Алберто „Корда“ Дијаз, Академијата на уметностите во Мериленд ја прогласи за најпозната фотографија на светот и симбол на дваесеттиот век.