Чекајќи го подоброто утре...

Чекајќи го подоброто утре…

Пишува: Зоран Милошески

…И така, (пред)велигденски, полека се трошат деновите до доаѓањето на моментот на вистината и излезот од лимбо состојбата. Разбистрување или заматување? Ќе нѐ биде или не?

На 17 април Европската комисија ќе го објави Извештајот за Македонија, а веќе следниот ден на гости ни доаѓаат Хан и Могерини. Во меѓувреме, средбите на Димитров и Коѕијас станаа вообичаен ритуал на двете влади, македонската и грчката, а сѐ поизвесно е дека за многу скоро, преговорите меѓу двете држави ќе бидат подигнати на премиерско ниво. Сето ова треба да нѐ доведе до посакуваната цел – прием во НАТО. Сѐ помалку од тоа, ќе значи вовед во нова криза. Политичка, економска, меѓуетничка…

Убеден сум дека нашето членство во НАТО нема алтернатива. Не дека без тоа сонцето ќе престане да грее, ама дека е сѐ едно, нѐ примиле или не, воопшто не е. Евентуалниот прием нема да значи дека сѐ ќе биде мазно, дека со волшебно стапче ќе исчезнат сите проблеми, уште помалку пак дека преку ноќ Македонија ќе стане Елдорадо. Меѓутоа, во двеиполдецениското независно и самостојно опстојување, покажавме оти сами, без “тутор“, не нѐ бива држава да водиме. И уште долго нема да нѐ биде. Оти, како “библиски народ“ постар и од Сонцето, не само што секогаш сме спремни и за најбанална работа да фатиме кавга со останатите етнички заедници, туку немаме проблем и меѓусебно, онака “братски“, да се испотепаме како најголеми душмани.

И покрај нашата надалеку позната карактеристика дека сме народ со кратко паметење, сметам дека за погоре кажаното не се потребни аргументи. Бидејќи раните од масакрот кај Смилковско езеро, декемврискиот “црн понеделник“, кумановското „Диво насеље“ и ланскиот 27 април, уште долго нема да заздрават.

Илузорно е да се помисли дека после сите глупости кои успеавме да ги направиме, се свестивме и ни дојде умот. Оти колку вчера бевме сведоци на “демократското“ разрешување на проблемите на двете спротивставени тајфи на ДУИ во Мала Речица. Вреди ли да се запрашаме колку напред отишла државата од воениот конфликт во 2001 до сега, ако во најголемата партија од албанскиот политички блок која 10 години во континуитет е власт на централно ниво, проблемите се решаваат со калашников? Или, како да се сфатат гафовите на високи владини функционери на СДСМ, освен како тежок дилетантизам и отсуство на елементарно чувство за одговорност кај еден куп државни апаратчици, кои неповратно го арчат името и рејтингот на нивниот лидер?

Последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ, најавите за фракционерско делување во партијата, како и сѐ поизразениот сомнеж во способноста на тазе избраниот лидер да ги менаџира и контролира внатрепартиските превирања, не ветуваат “мирно море“ ниту во опозициските редови. Последното телевизиско интервју на Мицкоски покажа зошто сите изнесени дилеми држат место. Едноставно, впечаток е дека човекот не го поседува потребниот капацитет за да ја сфати важноста на моментот и да ја вклучи партијата во процесите кои значат пресвртница, позитивна или негативна, за иднината на државата. Слабиот вокабулар, недостигот на енергија, отсуството на визија, користењето на истата фразеологија како и неговиот претходник, робувањето на одамна застарената и излитена идеолошка матрица која ја доведе партијата до ова дереџе…сѐ се тоа квалификации кои не влеваат надеж за драматични поместувања во најголемата опозициска партија. Освен, се разбира, ако во овој момент, на целокупниот процес не му е потребен токму ваков опозициски лидер?

Ама како и да е, во држава во која за долг од еден денар се плаќа казна од 200 евра а за само неколку часа се крадат семафори за регулирање на сообраќајот, држава во која политички профитери со украдени милиони се жалат на “монтирани процеси и партиско судство“, а во исто време се шетаат како пауни и ни се смеат во лице… во таква држава, нема многу место за оптимизам.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …