Македонската влада и чешката компанија „Локо Транс“ го потпишаа договорот за државна помош за инвестицијата во вредност од 15 – 20 милиони евра, со која се планира да се отворат од 250 до 300 нови работни места во новата фабрика за шински возила што ќе се гради во Скопје, се наведува во соопштението од владината прес – служба.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев посочи дека компанијата „Локо Транс“ во железничкиот транспорт работи од 1990 година, додека во својата производна програма има производство на железнички вагони и локомотиви. Тој додаде дека оваа компанија има капацитети во повеќе држави, во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија, Србија, Аргентина и ги покриваат пазарите на Европа, на Блискиот Исток, на Азија, на Латинска Америка и на Африка.
– Фабриката којашто ќе биде изградена во Скопје, ќе биде инвестиција помеѓу 15 и 20 милиони евра. Ќе се произведуваат транспортни шински возила, вагони. Тоа е многу слична фабрика, но многу пософистицирана на она што беше „Колска“ во Велес на времето и мислам дека е добро да напоменеме дека и еден добар дел од вработените коишто ќе имаат желба да работат во новата фабрика од „Колска“ и нивниот проблем ќе биде решен на овој начин – изјави вицепремиерот Анѓушев.
Фабриката ќе се гради во непосредна близина на скопската железарница, при што производствениот погон е предвидено да се изгради во период од 12 до 15 месеци. Сопственикот и извршен директор на „Локо Транс“, Карел Јалови посочи дека и покрај тоа што се присутни во нашата земја повеќе години и имаат основано две фирми, потпишувањето на договорот за државна помош е првиот конкретен чекор кон реализација на новата инвестиција на чешката компанија.
Чешката компанија „Локо Транс“ ќе започне со изградба на новата фабрика и придружната инфраструктура во Скопје во првата половина на 2020 година.