Чешкиот амбасадор се сретна со прилепските стопанственици

Чешкиот амбасадор се сретна со прилепските стопанственици

Во придружба на градоначалникот Илија Јованоски, амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија, Мирослав Томан, денеска ја посети Регионалната стопанска комора -Прилеп. Извршниот директор на Регионалната комора, Горан Попоски, го запозна амбасадорот Томан со економската состојба во општината, како и со ресурсите со кои располага прилепското стопанство.

Попоски рече дека прилепските стопанственици со амбасадорот разговарале за стопанската размена меѓу двете земји, како и за начините на кои таа може да биде унапредена. Амбасадорот Томан, како што истакна Попоски, ги информирал прилепските бизнисмени за постојниот информациски систем со база на податоци за чешките компании, кој што може да им биде од голема полза на нашите компании.

„Имавме многу добра дискусија со претставниците на нашите компании. Некои од нив веќе имаат искуство со пазарот во Чешка, а некои очекуваат понатамошна соработка. Се надевам дека помошта ќе биде добредојдена и соработката ќе ја унапредиме. Има доста интерес за текстилната и прехранбената индустрија и стандардните индустрии, како што се мермерот и тутунот“, изјави извршниот директор Попоски.

Амбасадорот Томан рече дека инвестирањето чешки пари во Прилеп, но и во другите општини кои тој планира да ги посети, е цел на амбасадата на Чешка во нашата држава, но и на дел од чешките министерства, кои што се задолжени за проширување на соработката од меѓународен карактер.

„Министерството за надворешни работи при Владата на Република Чешка, не само што ги поддржува и се занимава со културни и едукациски делови во општеството, туку во последно време дава акцент на соработката и на економскиот дел. Во рамките на чешката амбасада има отворено работно место кое е посветено на соработка помеѓу чешки и македонски фирми, кои во двете држави се увозно-извозно ориентирани. Се надевам дека тие проекти што може да се сработат ќе ги има се’ повеќе и повеќе и дека ќе се подобрува соработката помеѓу двете земји“, истакна амасадорот Томан.

На средбата, прилепските стопанственици ги искажаа проблемите со кои се соочуваат при остварувањето на соработка со чешките компании, а од амбасадорот Томан побараа поголема размена на бизнис информации, со кои нивните чешки колеги подобро би се запознале со потенцијалите на македонското и прилепското стопанство.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …