Честитка од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонската револуционерна борба

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Во рамки на одбележувањето на државниот празник, делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска положуваат свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје и Спомен куќата на Петар Поп Арсов во с. Богомила. Во продолжение го проследуваме интегралниот текст на честитката од претседателот Пендаровски.

Почитувани сограѓани,

Ви го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време. Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност. 

Денес, 127 години подоцна, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор. Да ја градиме Република Северна Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество.

Годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики. Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Северна Македонија.

Нека ни е честит 23 Октомври!

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …