Соопштение на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија:

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им честита на граѓаните и институциите коишто вчера спроведоа мирен, демократски референдумски ден.

Волјата на граѓаните е јасно изразена и порачува дека иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ.

Над 666.000 граѓани гласаа на референдумот покажувајќи ја демократската зрелост за што сме благодарни.

Во огромното мнозинство, над 605.000 граѓани, или над 91% од граѓаните гласаа ЗА.

Покрај кукавичкото однесување на Христијан Мицкоски и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои отворено спроведуваа бојкот, и членови и пратеници на оваа партија излегоа и гласаа по своја волја.

Она што е важно за најважната демократска алатка, граѓаните излегоа слободно и без притисоци и по сопствено убедување гласаа, во огромно мнозинство ЗА европска Македонија.

Гласот на над 600.000 граѓани е јасен повик сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел, интеграција во ЕУ и НАТО.

Сега, кога има јасно изразена мнозинска волја на граѓаните, на ред се пратениците во Собранието да го следат гласот на мнозинството со цел да се забрзаат процесите што обезбедуваат иднина во ЕУ и НАТО.

Сите пратеници, сите политички партии мора националните и државни интереси да ги стават над дневната политика и над партиските и лични интереси, бидејќи иднината на Македонија и нејзините граѓани е пред сè и над сè.

Доколку не се случи тоа, единствена демократска алатка што преостанува е распишување на предвремени парламентарни избори, со цел да се запазат сите рокови за спроведување на Договорот со Грција.

Мнозинството граѓани што излезе на референдумот донесе кристално јасна одлука, волјата на граѓаните е конечна и мора да биде почитувана од сите.