Македонската карате-репрезентација се врати од 48. Европско првенство (ЕП) за кадети, јуниори и помлади сениори (У 21 година), што се одржа изминатиот викенд во Тампере, Финска, со четири медали.

Ова е огромен успех за македонското карате од причина што на ЕП во Тампере настапија над 1.000 натпреварувачи од 45 држави.

„Со вакви успеси, каратето е на добар пат да прерасне во најтрофејен спорт во државава. Сигурен сум дека овие деца во блиска иднина ќе бидат носители на медали и во сениорска категорија,“ истакна директорот Наумче Мојсовски на прес-конференцијата во Агенцијата за млади и спорт.

Тој додаде дека остварените спортски резултати се дело првенствено на спортистите, но истовремено и на ангажираноста на клубските тренери, селекторите, како и поставеноста на системот во карате федерацијата.

„Огромно е задовоството да се биде селектор на едни вака млади, талентирани и мотивирани деца. Резултатите во Темпере ја ставија нашата држава на десетто место на ранг по успешност на Европското во конкуренција од 45 држави, што е вистински показател за квалитетот на македонското карате,“ истакна селекторот Арлинд Хусеини.

Селекторот во борби Александар Кузмановски зборуваше за деталите на натпреварувачкиот дел, потенцирајќи ја важноста на финансиската поддршка на АМС, која преку стипендиите за младите обезбедуваат и мотивација за понатамошно спортување.

На пресот свои излагања имаа и освојувачите на медали: Стефан Стојановиќ во јуниорска конкуренција (категорија над 76 кг)- злато, Андреј Басаров во кадети (над 70 кг)- сребро, и Матеј Белистојаноски, исто така, во кадетска конкуренција (до 55 кг) – бронза, како и помладиот сениор Столе Смилковски (до 67 кг), кој се качи на славеничкиот подиум со освоен сребрен медал со што се стекна со право на стипендија од меѓународна категорија од Агенцијата за млади и спорт.

Извор:МЕТА