Четири нови еколошки автобуси од денеска ставени во функција на градскиот превоз

Во присуство на премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пратеникот Хари Локвенец, претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, како и голем број граѓани на Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски и в.д. директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП ПУП), Марија Цветаноска, ги предадоа во употреба четирите нови автобуси на метан.

Со тоа, на задоволство на граѓаните на општина Прилеп, од денеска јавниот превоз е збогатен со четири нови, современи и еколошки автобуси кои се вклучени во редовниот градски сообраќај.

„Како градоначалник на Прилеп денеска сум посебно среќен, затоа што за прв пат во нашата држава се воведуваат нови автобуси на метан, современи и со најдобри стандарди Еуро 6, како што му доликува на едно модерно општество. Автобусите кои ги набавивме ќе бидат од корист на нашите сограѓани, не само заради тоа што се нови, туку и затоа што се еколошки и користат метан кој воедно е и повеќе од двапати поефтин од нафтата. За споредба, ако еден автобус кој користи нафта, дневно троши 100 евра за гориво, новите автобуси на метан ќе трошат 40 евра а во голема мера ќе се намалат и трошоците за старите автобуси, за кои само за резервни делови на годишно ниво се плаќаат околу 10 милиони денари. И не само тоа. Како поволност сакам да истакнам дека зедовме четири автобуси а плативме еден, така што секоја следна година ќе исплаќаме по еден автобус, без кредит, без камата и без никакви дополнителни трошоци“, истакна градоначалникот Јованоски.

Јованоски напомена дека четирите автобуси чинат околу 60 милиони денари, средства издвоени од буџетот на Општина Прилеп.

Заблагодарувајќи и’ се на локалната самоуправа за издвоените средства за набавка на четирите нископодни автобуси на метан за потребите на ЈП ПУП, в.д. директорката на јавното претпријатие, Марија Цветаноска рече дека од денеска граѓаните на Прилеп конечно добиваат градски превоз каков што заслужуваат – редовен, конфорен и навремен.

„Истовремено, се надевам дека јавното претпријатие конечно ќе излезе од лошата финансиска состојба во која што се наоѓа подолг временски период. Сакам да напоменам дека наскоро во градскиот превоз воведуваме и нова, четврта линија во населбата ‘Вишне’, што беше барање на жителите од овој дел на градот. Во новите автобуси постои посебно место за лицата во инвалидска количка и рампа за пристап до местото резервирано за нив“, потенцираше Цветаноска.

Премиерот Зоран Заев рече дека е тука за да ја сподели среќата со прилепчани и дека секогаш ќе биде присутен таму каде се реализираат вакви проекти кои се значајни како за граѓаните, така и за заштита на животната средина.

„Овие четири автобуси Прилеп ќе го направат еколошки град, што е многу значајно знаејќи дека на тој начин се штити здравјето на граѓаните. Сакам да им честитам на сите во Општината кои што управуваат со општинските пари за оваа сериозна инвестиција, која освен што овозможува еколошки транспорт на граѓаните од една до друга дестинација, ја испраќа пораката до целата држава за важноста на еколошките вредности“, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев.

Премиерот Заев најави дека дел од следните проекти ќе бидат и инвестициите во гасоводната мрежа, што ќе придонесе за дополнително зачувување на животната средина. Пред почетокот на грејната сезона, како што рече премиерот, Владата ја подготвува Програмата со која во неколку градови ќе се изврши замена на грејните тела на фосилни горива, со инвертори и други системи за еколошко греење и ладење.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …