Четири сценарија за Гренланд

Четири сценарија за Гренланд

По неуспешната средба во Вашингтон, Копенхаген порача дека постојат суштински разлики со САД околу статусот на Гренланд. И покрај тоа, одлучено е да се формира заедничка работна група што ќе ги продолжи разговорите за иднината на островот.

Средбата се одржа во сенка на американските закани за можна насилна анексија и со свежо сеќавање на понижувањето што украинскиот претседател Володимир Зеленски го доживеа пред една година во Белата куќа. Сепак, до отворена конфронтација не дојде. Двете страни само констатираа дека не се согласуваат, но сепак ќе продолжат да преговараат.

Во продолжение следуваат можните четири сценарија за развојот на спорот.

Сценарио 1: Воено преземање

Оваа опција честопати ја споменува Доналд Трамп. Во способноста на американската војска брзо да го заземе островот речиси никој не се сомнева. САД веќе имаат воено присуство во базата „Питуфик“ на северозападниот брег, каде според данскиот министер за надворешни работи се распоредени околу 200 американски војници.

Но, таков број не би бил доволен за брза операција – напад би морал да се реализира со сили испратени однадвор. Клучна улога би имала Втората флота на американската морнарица, активна во североисточниот Атлантик. Според извештаи, во Пентагон веќе се разработуваат сценарија, а Трамп издал соодветен налог веднаш по акцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Напад врз Гренланд, кој е дел од Кралството Данска, би бил напад врз членка на НАТО и би го активирал механизмот за колективна одбрана. Тоа не мора да значи автоматска воена реакција од другите држави, но би довело до парадокс: американски адмирал би морал да ја води операцијата на НАТО – против САД. Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека такво сценарио би значело крај на Алијансата.

Воената опција за Трамп отвора бројни политички дилеми:
– Дали би ја донел одлуката спротивно на ставот на делови од Републиканската партија што се про‑НАТО?
– Дали би ризикувал губење на американските бази во Европа?
– Или гледа можност преку конфликтот околу Гренланд да го ослабне НАТО?

Одговорите на овие прашања најверојатно ќе се бараат во Белата куќа, а не во работната група со Данска.

Протест пред конзулатот во Нук, март 2025 година
„Ние не сме на продажба“, рекоа Гренланѓаните на протест пред конзулатот во Нук во март 2025 година

Сценарио 2: Купување на островот

Трамп јавно истакна дека сака Гренланд да стане американска сопственост и повеќепати зборуваше за „купување“. Вашингтон и претходно покажувал интерес: по Втората светска војна, САД ѝ понудија на Данска100 милиони долари во злато за островот, но Копенхаген ја одби понудата.

Трамп повторно ја оживеа идејата во својот прв мандат – но со многу поголем интензитет по победата на изборите во 2024 година. Според американски медиуми, државниот секретар Марк Рубио ја конкретизирал опцијата за купување, а Трамп побарал ажуриран план.

Агенцијата Ројтерс извести дека се разгледувале износи од 10.000 до 100.000 долари по жител, со цел населението да биде придобиено за приклучување кон САД. И Данска и главниот град Нук категорично ги одбија понудите.

Поранешниот дански министер за Гренланд, Том Хојем, за германскиот НДР изјави: „Кој мисли дека може да ги купи Гренланѓаните, не ја познава нивната душа“. Вековните блиски врски со Данска, често и семејни, силно го обликувале идентитетот на островот. Финансиските понуди се доживуваат како навреда.

Сценарио 3: Референдум за приклучување кон САД

Гренланд е самоуправен дел од Кралството Данска и има право да организира референдум за независност – што би можело да биде чекор кон доброволно приклучување кон САД. За оваа можност неодамна шпекулираше републиканскиот сенатор Џон Кенеди.

Според данските процени, САД се обидуваат да поттикнат антиданско расположение. Данската телевизија „ДР“ објави дека американски државјани учествувале во тајни активности за политичко влијание на островот. Трамп назначи и специјален пратеник за Гренланд, кој веднаш порача дека Вашингтон сака директно да разговара со Гренланѓаните.

Но, јавноста е јасна: околу 85% од населението е против приклучување кон САД, покажаа анкетите од минатата пролет. По последните парламентарни избори беше формирана широка коалиција, сфатена како силен знак дека островот го отфрла американското влијание.

Премиерот Јенс Фредерик Нилсен порача: „Ако мораме да избереме денес, ја избираме Данска, Кралството Данска, НАТО и ЕУ“. Затоа референдумот не ѝ одговара на американската стратегија.

Авион со американскиот бизнисмен Доналд Трамп помладиот пристигнува во Нуук, Гренланд, 7 јануари 2025 година
Авионот со американскиот бизнисмен Доналд Трамп помладиот пристигнува во Гренланд, на 7 јануари 2025 година

Сценарио 4: Зајакнување на военото присуство на Гренланд и Арктикот

Спогодбата од 1951 година им овозможува на САД да го користат Гренланд за воени цели,со обврска да придонесуваат за неговата одбрана. Со години беа изградени повеќе бази, а многу подоцна затворени, но спогодбата им дозволува на Американците да го зголемат присуството кога ќе посакаат.

Трамп смета дека тоа не е доволно и континуирано говори за заканите од Кина и Русија. Во последните месеци, повеќе држави-членки на НАТО се заложија за поголемо присуство на Алијансата на Арктикот. Оваа недела започнува заедничка извидничка мисија со учество на повеќе земји, меѓу кои и германскиот Бундесвер. Берлин соопшти дека мисијата има цел да ги испита условите за можни воени придонеси во поддршка на Данска.

Данска, пак, планира да ја зајакне Арктичката команда, која во 2015 година броеше околу 60 припадници, и да соработува со НАТО-партнерите. На североистокот функционира и станицата Данеборг, со единица за извидување со кучиња.

Од почетокот на руската агресија врз Украина, НАТО повторно го препозна стратешкото значење на Арктикот и ги зголеми активностите. Дали ова е вистинската цел на САД – или и тоа не е доволно – останува отворено прашање.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Горива бензини дизел

Бензините поскапуваат за 1 денар

Oд ноќеска стапуваат во сила новите малопродажни цени на нафтените деривати кои се зголемуваат, одлучиле …