Повеќе од четири милијарди евра наводно „лежат“ на таканаречени „заборавени сметки“ во Германија кај банки и други финансиски институции, покажа извештајот на Министерството за истражување од 2021 година. Под одредени околности, таа сума може да биде и поголема – некои проценки велат и до девет милијарди евра. Самите банки досега не објавија никакви бројки.
Во случај на смрт, честопати не е лесно за роднините и за наследниците да пронајдат такви сметки, особено затоа што многу луѓе имаат повеќе сметки. Средствата се особено тешки за откривање кога нема писмени документи или печатени извештаи со онлајн банкарство, бидејќи информациите се чуваат во сметки на е-пошта или на хард дискови. Нетрадиционалните средства како криптовалути или НФТ се уште потешки за следење.
Што се неактивни сметки?
Во Германија, не постои официјална дефиниција за такви сметки. Напуштени, заборавени или неактивни сметки, кога станува збор за традиционални финансиски средства, генерално се банкарски депозити или хартии од вредност – како што се акции и обврзници – на кои долго време не постои никаква активност. Ваквите сметки можат да останат неактивни со години.

Бидејќи не постои законска рамка, справувањето со ваквите сметки во голема мера е оставено на самите банки. Повеќето институции сметаат дека станува збор за неактивни сметки кога сопственикот починал, наследниците не можат да се утврдат, со години немало контакт со сопственикот, поштата се враќа, а другите контакт податоци се застарени.
Оваа ситуација им остава на банките одреден простор во тоа колку интензивно ги бараат сопствениците или наследниците. Голема пречка се строгите одредби за заштита на податоците во Германија.
Како можат да се најдат напуштени сметки во Германија?
Во Германија, неактивните сметки не преминуваат ниту на банките ниту на државата. Банките се должни да ги одржуваат таквите сметки на неодредено време, а имотните права – без разлика дали се на оригиналниот сопственик или на неговите наследници – не застаруваат. Државата може да ја преземе сметката само ако според законот за наследување се утврди дека таа е наследник. Врз основа на правилата за имот без сопственик, сметката не може да премине на државата.
Најважната мерка, според Беатрис Ајзеншмит, член на одборот на Берлинската асоцијација на германски баратели на наследници, би била воспоставувањето централен регистар на неактивни сметки. Таквиот регистар би можел да помогне да се утврди дали некое лице имало сметки некаде.
Во моментов, барањата мора да се испратат до различни банкарски здруженија, што одзема многу време и е скапо. Тоа често е „шyт во темнина“ за наследниците, бидејќи тие можеби дури и не знаат дали средствата воопшто постојат. „Затоа многу наследници одлучуваат да не поднесуваат такви барања“, изјави Ајзеншмит за ДВ.
Обиди за воспоставување национален регистар
Пред речиси една деценија, Норберт Валтер-Борјанс, тогашен министер за финансии на Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, процени дека околу две милијарди евра се наоѓаат на неактивни сметки во Германија. Тој побара воспоставување национален регистар на таков имот.

Оттогаш, имаше неколку обиди за воспоставување таков регистар. Сегашната сојузна влада на чело со канцеларот Фридрих Мерц воведе закон со кој се предвидува создавање централен, јавно достапен онлајн регистар каде наследниците можат да пребаруваат релевантни информации. Меѓутоа, досега не се усвоени нови прописи. Затоа, сè уште не е јасно што ќе се случи со тие пари.
Неактивни сметки: во некои земји тие секогаш можат да се вратат
Во Обединетото Кралство, неактивните сметки обично се префрлаат по 15 години во таканаречен „Фонд за враќање“, а не на државата. Овој фонд служи за поддршка на социјални и еколошки проекти. Наследниците сепак имаат право да побараат враќање на средствата без временско ограничување.
Во Ирска, по сличен период, парите од неактивните сметки се префрлаат на државата, која мора да ги користи за социјални проекти. Пред преносот, институциите се должни да објават соопштение во два национални весника. И тука нема рок за враќање на средствата, вклучувајќи ја и пресметаната камата, од страна на наследниците.
Во Соединетите Американски Држави, ракувањето со вакви сметки е регулирано со законите на поединечните сојузни држави. Во повеќето случаи, сметката се смета за неактивна по три до пет години без активност.
Потоа, банката мора да го контактира сопственикот. Доколку не се пронајде никој, сметката ја презема сојузната држава – обично онаа на адресата на последното познато живеалиште на сопственикот. Таа сметка се води во рамки на канцеларијата за „непобаран имот“, а делумно се објавуваат известувања. Во повеќето случаи, сопствениците можат да го бараат својот имот на неодредено време.
Во некои земји, парите преминуваат кај државата
Во Франција, од банките се бара да се обидат да контактираат со сопствениците на сметките. Но, по десет години неактивност, сметките и животното осигурување се префрлаат во јавната финансиска институција Фонд за депозити. Владата обезбедува база на податоци што може да се пребарува, но не ги бара активно сопствениците. По уште 20 години, средствата стануваат сопственост на француската држава и повеќе не можат да се вратат.
Швајцарија, позната по своите специфични банкарски правила, има сличен пристап. Од банките се очекува да ги заштитат средствата и да управуваат со неактивните сметки во најдобар интерес на клиентите. Постои централна база на податоци за вакви сметки за да им помогне на наследниците. По 60 години без контакт, информациите за сметката се објавуваат, а наследниците имаат една година да поднесат барање. Потоа, правата истекуваат, сметката се затвора и се пренесува на државата – вклучувајќи ја и содржината на сефовите.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место