“Чумата“ наречена непотизам

Пишува: Сотир Габелоски

“Чумата“ од непотизам која ја зафати државата изминатиот период, покажува колку е труло нашето општество и дава дополнително објаснување зошто младите се разочарани, а трендот на иселување не запира. Информациите за вработување на блиски роднини на високи функционери на власта, негативно влијае на заложбите за суштински реформи. Во таквата ситуација први на удар, како и секогаш, се најдуваат оние најквалитетните, најобразованите и луѓето “без врска“.

Она што ВМРО-ДПМНЕ го започна во 1998 година, го продолжи и од 2006 наваму и сето тоа се пренесе во матрицата на сите партии. Да не се лажеме, влијанието на партиите во процесот на вработување уште долго нема да запре, но непотизмот кој што се врзува за високи функционери е неприфатлив.

Деновиве партиите трошат сериозно време за меѓусебно препукување за тоа кој повеќе луѓе вработил по партиски клуч и колку високите функционери влијаат на вработувањата. Но, оваа тема не е партиска. На македонските граѓани воопшто не им менува дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ вработувале и влијаеле врз вработувањата. За граѓаните тоа е се’ едно, но разочарувањето сега е уште поголемо бидејќи очекувањата беа дека администрацијата ќе се реформира, а партиите на власт ќе ги имаат во предвид квалитетните кадри, без оглед на партиската (не)припадност.

Најсериозната последица од овој “прагматичен“ непотизам, е разочарувањето кај граѓаните, особено помладите, а секако дека после сите информации кои излегоа во јавност, ќе биде разнишана и довербата во институциите.

Обелоденувањето на вработувањата и унапредувањата на роднини и блиски на функционерите, откри уште нешто – лицемерието кај партиите, опортунизмот кај некои политичари и макијавелизмот во борбата за превласт. Политичари, кои во едни други времиња беа симбол за партизираност, непотизам, па и криминал, денес се критичари на актуелните случувања, во стилот “не гледај што правам, слушај ме што зборувам“.

Од друга страна пак, дел од оние кои пред скоро време се заложија дека ќе пристапат кон реформи, праведност и транспарентност при вработувања, дека ќе го запрат иселувањето, денес најдиректно ја спроведуваат чумата на непотизмот.

Единствено позитивно во оваа “плејада“ од негативности, е совеста која најмногу ја покажува премиерот Заев, пред се’ со најавите за ревидирање и повлекување на вработувањата на луѓе блиски до власта.

На крајот пак ќе повторам дека, според мене, најтешка последица од оваа “чума“ е токму разочарувањето на граѓаните и демотивирањето на младите. Крајно време е да се вразумиме, затоа што одредени негативни процеси започнати во минатото, многу брзо можат да станат начин на размислување и живеење.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …