Црна Гора би можела да стане следната членка на Европската Унија, оценува Европската Комисија. Според новата анализа на институцијата од Брисел, земјата би можела успешно да ги заврши пристапните преговори уште до крајот на оваа година. Реалното приклучување кон Унијата потоа би можело да следува во 2028 година.
Во анализата се наведува дека во наредните недели ќе биде клучно Црна Гора да го задржи доследниот фокус на подготовките за членство во ЕУ и одржливо да ги спроведува веќе усвоените реформи. Во тој случај, Комисијата очекува пристапниот договор со Црна Гора да може да биде потпишан во јуни 2027 година.
Потоа треба да биде финализиран пристапниот договор и да биде ратификуван од сите 27 актуелни земји-членки на ЕУ.
Според Европската Комисија, и Албанија и Молдавија би можеле да ѝ се приклучат на Унијата во наредните години. Институцијата исто така ги поддржува и напорите на Украина за членство.
Завршување на пристапните преговори со Албанија се смета за можно до крајот на 2027 година, а со Молдавија на почетокот на 2028 година. Но и кај овие земји би поминале повеќе од 20 месеци до нивниот реален прием во ЕУ. Во тој период прво треба да се договорат и потпишат пристапните договори, а потоа тие да бидат ратификувани од сите земји-членки и од самата кандидатска држава.
За сите земји, Комисијата нагласува дека поставените цели можат да бидат достигнати само доколку бидат исполнети сите услови за членство.
Кај најновата членка на ЕУ, Хрватска, целиот процес траеше околу две години. Земјата се приклучи на Унијата на 1 јули 2013 година. Оттогаш нема нови проширувања на ЕУ. По излегувањето на Велика Британија во 2020 година, бројот на земји-членки повторно се намали на 27.
Украина има посебна улога
Украина сака да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2028 година.
„Европската Комисија ја поддржува оваа амбициозна цел, но смета дека за нејзино остварување е потребно забрзување на реформското темпо“, се наведува во анализата.
Особено тешки се оценуваат реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Дополнителен предизвик е што тие мора да се спроведуваат среде руската војна против Украина.
За Украина европската перспектива има исклучително значење. Таа се смета за сигнал дека земјата има трајна иднина во европското семејство држави.
Членството во ЕУ не само што би ја врзало Украина уште потесно со Западот во политичка и економска смисла, туку и би ѝ обезбедило дополнителна безбедност преку клаузулата за меѓусебна помош содржана во договорите на Унијата. Сепак, прием на Украина додека трае војната се смета за политички речиси незамислив, поради обврските за воена помош што би произлегле од таквото членство.
Другите кандидати засега без јасен патоказ
Засега нема конкретни патокази за членство за Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово, како и за Турција и Грузија.
Кај овие држави сѐ уште не е постигнат доволен напредок. Кај Турција и Грузија пристапниот процес е дури и целосно замрзнат поради недостатоци во областа на демократијата и владеењето на правото
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место