Еврото веќе е таму: во Црна Гора, најмалата од шесте земји кандидати за членство во Европската Унија од Западен Балкан, од 2002 година се плаќа со валутата на ЕУ. Иако Црна Гора сѐ уште не е членка на Унијата, употребата на еврото од околу 600.000 жители се толерира од страна на Европската централна банка.
Во формалните преговори со Европската Унија, Црна Гора е најнапредната од сите земји од Западен Балкан, смета еврокомесарката за проширување Марта Кос. „Вие сте пред целта“, му порача таа на црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ во Будва. Во медитеранското летувалиште, на состанок во луксузен хотел покрај брегот, се сретнаа министрите за надворешни работи во рамки на таканаречениот „Берлински процес“.
„Берлинскиот процес“ е политички форум на 16 европски држави и земјите кандидати за членство во ЕУ од Балканот, кој треба да функционира како еден вид катализатор за вистинските пристапни преговори со Европската Унија. Во рамки на процесот, кој во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, се разговара за регионална соработка, економска поврзаност и образовни проекти.
Повик од Црна Гора: Мора да испорачаме реформи
Црна Гора годинава го засили темпото. Малата држава организираше повеќе средби во рамки на „Берлинскиот процес“ отколку кога било досега. Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ ги повика своите колеги од Албанија, Северна Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина, од кои дел со децении чекаат членство во Унијата.
„Мора да испорачаме реформи. Мора да ги направиме нашите институции подготвени. Мора да ги намалиме политичките тензии и преку дијалог да ги решаваме нерешените проблеми. Со нашите постапки мора да покажеме дека европската интеграција не е само стратешка цел, туку и трансформациски процес што самите сакаме да го спроведеме“, рече тој.
Вадефул: Го слушаме вашето тропање на вратата
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој има клучна улога како германски претставник во „Берлинскиот процес“, го охрабри својот црногорски колега.
„Дваесет години по независноста, Црна Гора тропа на вратата. Верувајте ми, тоа тропање се слуша и во Берлин и во Брисел“, изјави Вадефул со насмевка. Според него, пристапувањето би можело да се случи во текот на „следните години“.
Поодредена временска рамка претходно понуди претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која паралелно со состанокот во Црна Гора е во посета на Западен Балкан. Таа рече дека пристапните преговори со Црна Гора би можеле да завршат во 2026 година, со цел земјата да стане членка во 2028 година.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која учествуваше на средбата во Будва, исто така охрабрувачки се обрати до Црна Гора и до останатите министри.
„Зачувајте ја енергијата во преговарачкиот процес. Црна Гора создаде нов импулс за целиот регион на Западен Балкан и благодарна сум за тоа“, рече Кос.
Таа најави дека уште во октомври формално треба да бидат затворени уште неколку преговарачки поглавја со Црна Гора.
Предупредување: Конфликтите може во секој момент повторно да се разгорат
Германскиот министер Јохан Вадефул се осврна на тема која редовно се отвора на конференциите на „Берлинскиот процес“. Според него, суштината е на младата генерација да ѝ се отвори пат кон Европската Унија.
Од германската делегација посочуваат дека младите луѓе често се разочарани од долгиот пристапен процес.
„Гледаме дека премногу добро образовани млади луѓе го напуштаат регионот и дека тој повторно може да биде дестабилизиран“, изјави Вадефул уште пред почетокот на конференцијата во Будва.
Тој предупреди дека фрустрацијата од процесот на пристапување може да доведе до тоа „конфликтите меѓу етничките заедници повторно да се разгорат. Тоа може да се случи во секој момент и затоа овој процес останува правилен и важен, бидејќи е во интерес на Европа“.
„Помирувањето е единствениот пат“
И Марта Кос предупреди на опасност од нови конфликти по етничка линија.
„Помирувањето, не заборавање, туку простување, е единствениот пат за сите држави кон Европската Унија“, рече таа.
Според Кос, погребот на Ратко Младиќ во Србија покажал колку се длабоки раните од минатото. Официјалното оддавање почит од страна на Србија на генералот осуден за воени злосторства предизвика остри критики во Босна и Херцеговина и во повеќе земји на ЕУ, меѓу кои и Германија. Ратко Младиќ ги предводеше босанските Срби за време на војната во 1990-тите години.
Покрај Црна Гора, Марта Кос ја спомена и Албанија како земја што исто така е далеку напредната на патот кон Европската Унија. Таа не наведе конкретни датуми за членство, но истакна дека преговарачкиот напредок е побрз од кога било во последните 25 години.
Претставници на Северна Македонија и Косово, исто така, очекуваат поконкретни сигнали за временската рамка и следните чекори кон посакуваното членство.
На минатогодишниот самит на шефови на држави или влади во рамки на „Берлинскиот процес“ во Лондон, албанскиот премиер Еди Рама се пошегува дека неговата земја нема да ѝ го отстапи своето место на листата на чекање на Велика Британија. Британската лабуристичка влада ја разгледува можноста за повторно пристапување во ЕУ, која земјата ја напушти во 2020 година со Брегзит.
Геополитика и проширување на ЕУ
Во Будва одделни дипломати од балканските земји изразија сериозна загриженост не толку поради британските амбиции, колку поради стремежите на Украина и Молдавија за членство во ЕУ.
Според нив, од геополитички причини овие земји би можеле да напредуваат кон членство многу побрзо од земјите од Западен Балкан.
Еврокомесарката Марта Кос индиректно ги потврди овие размислувања. Таа нагласи дека геополитичките фактори имаат исклучително важна улога во процесот на проширување.
„Геополитиката покажува зошто проширувањето е неопходно и зошто е потребно брзо да се реализира“, рече Кос, истакнувајќи дека проширувањето е поврзано и со прашањето како Европа да стане побезбедна. Таа не ги спомена по име Русија и Кина.
Двете држави се сметаат за фактори кои се обидуваат да го зголемат своето влијание на Западен Балкан. Црна Гора е пример и за тоа. Со кредит од Кина земјата финансира автопат вреден повеќе милијарди евра кој треба да го поврзе приморјето со внатрешноста. До 2038 година автопатот треба да продолжи кон Србија, со кинеско финансирање и главно со ангажман на кинески градежни компании.
Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина сѐ уште набавуваат евтин руски природен гас. Тоа е една од точките што предизвикува незадоволство во ЕУ за време на пристапните процеси со овие држави. Унијата воведе санкции за увозот на руски гас преку гасоводи по руската агресија врз Украина.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место