Пишува: Сотир Габелоски
Болката е на семејството, стравот кај младите, разочараноста кај сите нас – како системот потфрли додека го воздигнува (глорифицира) настраното (девијантно) однесување?
Црнила се насекаде. Од средата Македонија е завиена во црно, а нашите чувства на моменти се јасни, но веќе во следниот момент се помешани, односно засилени со чувства на разочараност и страв. Владее тага кај сите. Таа не може да се спореди со тагата на најблиските на почината млада девојка Фросина Кулакова, но сепак ја чувствуваме. И тоа е чувството што не’ обзема веќе неколку денови по ред.
Кога ќе почнеме да размислуваме, читаме и зборуваме за немилиот настан од пред неколку денови, тагата се надополнува со чувство на разочараност од системот, од неверувањето дека некогаш нешто ќе се смени и од глувоста на институциите, судството особено. Не’ зафаќа и стравот. И младите и повозрасните. Како сега да излеземе на улица, а да се премислиме 100 пати за да поминеме на пешачки премин? Дали сме безбедни, особено во вечерните часови? Тегобата на родителите е уште поголема. Нивните деца се во Скопје на студии или по работа и знаат дека „Партизанска“ е нивна речиси секојдневна дестинација.
Прегазувањето на Фросина стави крај на сите надежи дека нешто можеме да видиме на подобро во нашата држава. Како после се’ младите да не си одат од државата? Како да се мотивираат да останат тука и да работат на кариера, семејство и развој на државата?
Ако се плашевме дека она што се случува во Србија од ноември месец може да се пренесе кај нас, тогаш стравовите не’ стигнаа. Младите го одржаа првиот протестен марш и ги насочија крвавите раце кон одговорните кои не даваат одговор – тоа е системот. Во Србија потфрли борбата со корупцијата, кај нас потфрлија судството и сите институции – од образование, па се’ до надлежните за безбедност.
Покрај ентузијазмот на студентите во Србија, гледаме дека тамошната атмосфера на неказнивост повлекува и други немили настани. Бројни се случаите кога автомобили влетуваат во група луѓе и газат граѓани кои мирно протестираат. Тоа ни’ се случи и нам. Две убиства на без малку ист начин претходеа на последното. Системот и пропустите на оние кои имаа прилика во изминатите 30 години независност да имаат удел во негово (не)подобрување, доведоа до идентични автомобилски прегазувања. Сп години демне опасноста дека неказнивоста може да доведе до полошо. И тоа се случува. Корупцијата, заштитата, а всушност наштетувањето, на своите деца доведува до неодговорно и настрано однесување. Настраното однесување доведе до најстрашното – убиство.
На почетокот на овој текст го споменав воздигнувањето или глорификацијата на девијантното, настрано однесување, затоа што тоа е еден од главните проблеми кој ќе се адресира на вториот протестен марш по убиството на Фросина. Настраното однесување, поттикнато од системската неказнивост, погрешните вредности и извитоперените начини на воспитување го убија девојчето, а се закануваат да го распаднат целото македонско општество.
Погледнете го само краткото обраќање на студентската правобранителка на протестниот марш и ќе го видите гневот кај младите. На тој начин вреска секој дух на младиот човек, толку е силен гневот кој само расте, тоа е гласот на македонското граѓанство во овие неколку денови.
Протестните маршеви продолжуваат. Следниот е закажан за денеска, недела, 2 февруари.
Пишуваме, зборуваме, протестираме, маршираме затоа што сите може да не’ снајде судбината на Фросина!