Црвени теписи и свештенички одори за „најпатриотските“ градоначалници

Црвени теписи и свештенички одори за „најпатриотските“ градоначалници

Пишува: Зоран Милошески

Полека изминува и третиот месец од мандатот на новоизбраните градоначалници и членови на општинските Совети. Со тоа спласнуваат еуфоријата од изборниот триумф и нереалните очекувања на сите оние кои својот глас го дале за победниците, со надеж дека нивната верност ќе биде валоризирана со вработување, унапредување или некаков друг финансиски бенефит.

Она коешто досега го видовме од новите „градски татковци“ и скопската „мајка“, беше „копи пејст“ раководење со општините, диригирано од „белата палата“: полагање цвеќиња пред споменици, присуство на литургии и други црковни обреди, како и задолжителното сликање со Мицко на тековни проекти започнати пред нивното седнување во градоначалничката фотелја.

Освен вулгарното партизирање на градоначалничката функција, има уште нешто друго што боди очи.

Имено, при промотивните „фотосесии“ со лидерот, ниту еден од градоначалниците на ДПМНЕ не собра храброст да каже дека не станува збор за почнување, туку за продолжување на инфраструктурни активности почнати од нивните претходници. Иако е јасно дека станува збор за оркестриран јавен настап под диригентската палка на марионетата на унгарскиот бегалец, сепак, со своите изјави првите луѓе на локалните самоуправи ја потценија интелигенцијата на своите сограѓани. Што е повеќе од лош старт на нивниот четиригодишен мандат.

Конечно, времето на парадирање по црвените теписи и протоколарното извршување на градоначалничката функција, дефинитивно завршува со завршувањето на Божикните празници. На кои, патем речено, водени од крајно популистички побуди, мнозинството градоначалници од „најпатриотската“ партија се ставаат во улога на црковни веледостојници.

Е, после тоа, доаѓа приземјувањето и соочувањето со реалноста – соблекување на „свештеничките одори“ и крајниот момент кога, сакале или не, ќе мора да почнат да се занимаваат со својата работа. Што за дел од нив воопшто нема да биде лесно, од едноставна причина што изборните програми повеќе им наликуваа на список на желби, отколку на документи поткрепени со реални и остварливи проекти.

По правило, вниманието на јавноста ќе биде насочено кон случувањата во урбаните општини и градовите каде изборната битка беше по многу што специфична. Оттаму, под лупа ќе биде ставена работата на градоначалниците на Битола и Прилеп, Охрид и Куманово, Карпош и Тетово, Штип и Гостивар, со фокус на „независната“ Данела Арсовска.

Ако по утрото денот се познава, не е тешко да се претпостави дека „менаџерката“ Арсовска ќе биде најголемата „утка“ која скопјани било кога ја направиле при изборот на градоначалник на Град Скопје. Бидејќи Данела ги излажа жителите на македонската престолнина!

Прво, го укина проектот за брз градски превоз (БРТ), па за три пати ги намали буџетските средства за заштита на животната средина, потоа јасно кажа дека ветениот бесплатен јавен превоз е „научна фантастика“, за да на крајот, наместо најавените „непартиски менаџери“, институциите кои се под нејзина надлежност дополнително ги партизира со инсталирање тврдокорни партиски кадри!

Ако е и од Дан(и)ела, за олку кратко време – премногу е!

Дополнително, не треба да заборавиме дека „госпожата“ на јавноста и’ должи одговори на неколку прашања. Меѓу другото, на кој начин ја добиле и како ја менаџирале спортската сала „Расадник“ нејзините фамилијарни фирми, но и одговорот на прашањето од кое бегаше како ѓавол од крст – дали има бугарски пасош?

За да не бидам погрешно разбран: воопшто не е важно дали освен македонскиот, градоначалничката поседува бугарски, француски или пасош на било која друга држава. Она коешто е важно е – вистината! Оти, да не заборавиме, демантирајќи ја информацијата лиферувана меѓу двата изборни круга, Данела обвини дека против неа се води „црна кампања“, заканувајќи се дека после изборите за искажаните „невистини“ ќе следуваат тужби.

Изборите одамна завршија. Тужби нема, исто како што ја нема ни вистината.

Деновите кои претстојат ќе потврдат дека Данела Арсовска не е единствениот, туку најеклатантниот пример за потврда на непишаното правило дека тој кој со лаги и манипулации дошол на власт, на истиот начин ќе го одработи целиот мандат.

Дотогаш, за очекување е дека и социјалдемократите ќе ги консолидираат своите редови и дека во општините во кои се опозиција, ќе почнат со разоткривање и јавно обзнанување на аферите на тамошните владејачки структури.

Бидејќи, со што друго би се занимавала опозицијата, ако не со анимирање на јавноста со неспособноста, непотизмот и партизацијата на локалните институции од страна на локалните власти?

Прочитајте повеќе

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Седумнаесет припадници на затворската полиција се уапсени во голема полициска акција, информираат од Обвинителството за …