Огновите на отворено се меѓу најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички
Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие се регистрирани 14 пожари на отворено кои во меѓувреме биле изгаснати. Горело ѓубре, сува трева, ниска вегетација, сено и нискостеблеста шума во Скопско и во општините Велес, Штип, Неготино, Штип, Берово, Куманово, Липково, Ранковце, Крива Паланка, Тетово и Струмица. Пожарникарите од Скопје интервенирале во гасење на запалено ѓубре на локации во Општините Карпош и Зелениково, а гаснеле и запалено ѓубре на поголема површина во депонијата „Вардариште“.
Ѓубре и ниска вегетација гореле и во Неготино и во Штип, додека пожарникарите од Берово интервенирале на запалена ниска вегетација во близина на градот. Во Куманово горела слама на земјодлеска површина, а во Липково и Тетово било запалено ѓубриште.
Огновите на отворено, заедно со согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото и од улиците, секундарните честички и горењето на мазут и нафта во јавните објекти и дел од индустриски објекти, се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички, покажаа најновите истражувања направени во рамките на Студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот урбаните средини, која од март 2023 до март годинава ја спроведуваше лабораторијата Амбикон на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.